Креаторот на апликацијата “Мој Воздух” Горјан Јовановски: моето еко искуство во Холандија
Во Холандија рециклирањето е навика, а фрлање ѓубре на улица е незамисливо
Фирмите во Холандија ги заменуваат хартиените чашки за една употреба со порцелански чаши, кои можат да се употребуваат неограничено, а пластичниот прибор со метален
Холандија и Холанѓаните се многу сериозни за рециклирањето на отпадот, вели Горјан Јовановски, творец на апликацијата „Мој воздух“ и на порталот „Рециклирам.мк“, а кој подолго време живее во оваа земја. Вели дека околу секој блок згради може да се пронајдат подземни контејнери за рециклирање стакло, пластика, хартија и текстил. Првите три видови отпад веднаш се обработуваат, додека текстилот се прегледува дали може да се употреби и донира некаде, а доколку е во лоша состојба и тој се рециклира.
„Мрежата на вакви контејнери е одлично организирана и обележана на интернет на веб-страницата на општината. Токму таа мапа ја имав искористено кога требаше да пронајдам контејнер за текстил во близина и знам дека многумина ја употребуваат за да се запознаат со локациите на контејнерите во својата околина“, објаснува Горјан.
Некои градови се многу строги со правилата на рециклирање, но, посочува, туристичките градови како Амстердам се малку порелаксирани земајќи предвид дека треба уште многу да се вложи во едукација на туристите за правилно рециклирање на отпадот.
„Сите домаќинства немаат посебни канти за различен отпад, но знам многумина, вклучувајќи ме и мене, што самите си купиле повеќе канти за да може да го раздвојуваат отпадот. Отпадот се подигнува неколку пати во текот на неделата, а досега не ми се случило да видам преполн контејнер, ниту, пак, да ги видам или чујам ѓубреџиите кога го подигнуваат ѓубрето, што значи дека, најверојатно, тоа се прави доцна навечер“, објаснува Горјан.
Пластиката и хартијата за една употреба се заменуваат со порцелан и со метал
Вели дека му е драго што и приватниот бизнис се вклучува во повикот за рециклирање. Пример е „Букинг“, каде што работи. Во последните неколку години фирмата, која има повеќе од 15.000 вработени, навистина, се обидува да го намали белегот што го остава на околината. Хартиените чашки за една употреба се заменуваат со порцелански чаши, кои можат неограничено да се употребуваат, пластичниот прибор се заменува со метален, а низ канцелариите има поставено контејнери за рециклирање батерии и текстил. Покрај нив, вели, мора да ги пофали и маркетите како „Шпар“ и „Алберт Хејн“, кои имаат поставено неколку типа контејнери за собирање опасен отпад (батерии и електроника). Секако, по принципот на рециклирање познат во западните земји, овие маркети нудат финансиски надомест ако ги донесете празните стаклени шишиња и ги оставите во специјално поставените пунктови. Со тоа добивате купон, кој може да го искористите за намалување на сметката или, едноставно, да добиете пари на каса.
„Имав многу интересна случка со мојот локален ’Шпар‘ маркет. Често од таму сакам да купам свежо цеден сок од портокали што сам го цедам преку машина во пластични шишенца. Но, по една година таква практика сфатив дека правам огромен пластичен отпад со секое шишенце, иако ги рециклирав. Еден ден, отидов кај менаџерот на маркетот и му објаснив дека би сакал до мојата дневна доза цеден сок да дојдам на поеколошки начин. Зачудувачки, место да се потсмева со мене, тој замина во својата канцеларија и по неколку минути се врати со брендиран термос на ’Шпар‘. Ми рече ’Земи го ова и во него полни сок секој ден, нема потреба да ги користиш пластичните шишенца. Подарок од нас‘. Навистина се одушевив, посебно зашто кога го користам термосот, вработените на каса треба рачно во системот да го бараат сокот од портокал (баркодовите се на шишенцата, но не им е тешко)“, раскажува Горјан.
И новогодишните елки добиваат втор живот
Друг интересен момент е како Холанѓаните се соочуваат со свежите новогодишни елки. По новогодишните празници, сите граѓани што купиле свежа елка и не ја сакаат веќе во својот дом, ја оставаат на улица, но не како отпад. Специјални екипи поминуваат неколку пати во текот на таа недела, ги собираат сите овие дрвја и ги враќаат на фармите од каде што се донесени. Таму елките повторно се засадуваат и им се помага да пуштат корења за да може да се искористат и следната година. Тој момент, навистина, го зачудил Горјан бидејќи, вели, никогаш не би помислил дека некој ќе рециклира новогодишна елка на тој начин.
Најчесто, во Холандија, нивото на свеста кај граѓаните за животната средина е многу високо. Велосипедите и јавниот транспорт секогаш доминираат во однос на автомобилите (кои, впрочем, и ги нема низ Амстердам), рециклирањето е навика, а фрлање ѓубре на улица е речиси незамисливо. Верува дека ние сме на добар пат да научиме од нив, но за тоа е потребна уште многу едукација, првенствено на најмладите, голема мрежа контејнери за рециклирање и строги казни за сите тие што нема да ги почитуваат правилатa
„Рециклирам.мк“ – водич за правилно рециклирање
Како и многумина, така и Горјан не бил правилно информиран за симболите за рециклирање на амбалажата што секојдневно ја користел. Затоа почнал да истражува на интернет и дошол на идеја своите знаења да ги сподели со другите.
„Имав лажни убедувања дека симболот ’зелена точка‘ значи дека тоа пакување се рециклира, но тоа не беше вистина. По сето истражување сфатив дека би било супер да се информираат и другите мои сограѓани, со цел ширење на културата за рециклирање. Затоа решив да ја направам ’Рециклирам.мк‘ – веб-страница што на лесен и разбирлив начин ги објаснува обележувањата на амбалажата и во кој контејнер на „Пакомак“ треба да се фрла. На сајтот има и мапа со сите контејнери низ Скопје, што дополнително треба да го олесни нивното пронаоѓање.
Чувањето на животната средина е обврска на секој од нас, а рециклирањето е еден прекрасен начин да се намали нашиот белег врз неа. Одбери паметно – рециклирај!