Во Демир Капија и Гевгелија турски инвеститор ќе гради ветерници
Инвеститор од Турција е заинтересиран да гради десет ветерници во Демир Капија и Гевгелија, компанијата испратила известување за намера да инвестира во искористување на енергијата од ветерот во овој дел на државата, до Министерството за животна средина и просторно планирање, Управа за животна средина. Седум од ветерниците се планирани да бидат во Демир Капија, а остатокот во Гевгелија. „Ветровата енергија е моќен извор на обновлива енергија“, се вели во известувањето.
Оваа енергија лесно се акумулира и не предизвикува загадување на животната средина, што ја прави многу поволен извор за добивање топлинска или електрична енергија. Зголемената потреба од електрична енергија во последниве години ја потенцира важноста на изградбата на нови извори. Искористувањето на ветерот, како алтернативен извор на енергија, претставува најисплатлива, најбрза за имплементација и најсовремена енергетска технологија, што нуди брзо и долгорочно елиминирање на штетните емисии во околната средина. Проектот за изградба на Ветерен парк Дрен ќе даде придонес за зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во влупното производство на електрична енергија, стои во известувањето.
Инвеститорот, преку својата компанија Калтун енержи ДОО Скопје, има намера за изведување проект ветерен парк Дрен, општина Демир Капија и Гевгелија. Се работи всушност за инсталации за искористување на силата на ветерот, заради производство на енергија, таканаречени фарми на ветер.
„Проектот за инфраструктура за изградба на Ветерен парк Дрен, општина Демир Капија и Гевгелија, е опфатен во рамките на урбаниот опфат на просторниот план на Република Македонија, изработен од страна на Агенцијата за планирање на просторот од Скопје“, стои исто така во известувањето.
Благодарејќи на долгиот животен век и едноставната градба, се вели, системот на ветерни електрани е погоден за поставување на локалитети каде може да се поврзе со постоечката електроенергетска мрежа како нејзино надополнување.
Локацијата на ветерниот парк Дрен се наоѓа на територијата на двете општини. Теренот на кој се наоѓа на локацијата е ридест предел со надморска височина од 246 до 736 метри. Опишани се и фазата на изградба и функционирање, како и постоперативната фаза. Земени се предвид и влијанијата врз почвата, воздухот, влијанијата предизвикани од зголемена бучава и од начинот на управување со отпад. Цитирани се и законските одредби од законите за животна средина, за управување со отпад и за квалитет на амбиенталниот воздух.
Според инвеститорот, проектот ќе има позитивно влијание и ќе придонесе кон унапредување на снабдувањето на потрошувачите со електрична енергија и зголемување на стабилноста.-Како обновлив извор на енергија, паркот на ветерни електрани индиректно ќе придонесе за намалување или редукција на емисиите на стакленички гасови и на другите загадувачки супстанции во воздухот што би се јавиле, доколку за производство на истото количество електрична енергија се користат необновливи извори. За сево ова ќе бидат ангажирани фирми и работници за изградба, транспорт и одржување на ветерните електрани.
„Инвеститорот ќе ги плати сите потребни давачки кон државата и општината за реализирање на инвестицијата, а со тоа ќе се слеат средства во општинскиот буџет, што пак ќе влијае за подобрување на условите за живот на локалното население“, се вели во известувањето.
Проектниот менаџер при турската инвестиција Калтун енержи, Хусеин Зејнулах рече дека веќе имаат позитивен одговор од ова Министерство и дека сега треба да се заокружи целата законска постапка и да се реализира инвестицијата.