Пензиониран програмер направил велосипед кој може да го вози лежечки
Дека велосипедизмот го чува здравјето и животната средина, своите сограѓани секојдневно ги потсетува Миланче Ѓуриќ (71) со тоа што на лежечкиот велосипед, кој сам го направил, по улиците на Ниш секој ден поминува околу 30 километри.
Екипата на Агенцијата Анадолија (AA) го сретна на редовна релација од куќата до Нишка бања.
Овој програмер во пензија за себе вели дека е вљубеник во спортот. Тој прв во градот направил даска за едрење за да се занимава со виндсурфинг, потоа почнал да лета со параглајдер, а во последните шест години редовно вози велосипед. Му годи што овој модел овозможува опуштено и удобно возење, бидејќи целиот грб, врат и главата се потпрени.
„Како што гледате, педалите се доста напред. Тоа е положба која е ергономска, дваесет отсто поповолна од фронталната положба. А освен тоа, апсолутно ништо не ме боли додека возам, што од тој аспект, особено за овие години е супер! Освен тоа, воздушниот отпор е двојно помал“, објаснува Миланче, љубител на велосипедот.
Идејата ја донел од Германија, кога бил во посета кај неговата ќерка. Таму ваквиот тип на велосипед е популарен меѓу рекреативците, па за моделот патентиран уште во 1860 година решил да измисли нов концепт.
„Тој се состои во тоа што јас зедов рамка од постоечки велосипед и само ги додадов предниот дел и седиштето, така што тркалата и рамката се непроменети, велосипедот е центриран. Во светот се прави посебна рамка за тоа, изгледа како една долга шипка, но ова е попрактично“, објаснува Миланче.
Според него, би било подобро во градот да има вистински велосипедски патеки, а дека без нив, мора да се снаоѓа на начин што го избегнува густиот сообраќај.
Ова не е единствен велосипед на кој Миланче работел и кој го доработил со половни делови купени на интернет и на пазар. На сличен начин настанал и карго велосипедот со корпа доволно голема за во неа да ги превезува своите внуци.
Кога со својот лежечки велосипед стои на крстосници и пред семафори, Миланче често слуша коментари од изненадени сограѓани. Сите се вртат, некој му дофрла дека е врв, додека други понекогаш изговараат и некои лоши зборови. Вели дека тоа не го попречува, но дека е разочаран што многумина покажуваат дека не се отворени за иновации.
„Ретко кој реагира позитивно. Сите се изненадени. Некои коментираат вака или онака, а децата од пет, шест и седум години – тие се восхитуваат“, раскажува Миланче.
За него е чудно што во градот уште никој не направил сличен велосипед и својата помош ја нуди на сите кои тоа би го сакале. Вели дека велосипедизмот е одличен рекреативен спорт и дека сите треба да останат подолго активни бидејќи „треба да го тераат срцето да работи“.
Анадолија