ПЕНДАРОВСКИ: ГЛАСАЈТЕ НА 5-ТИ, ЗА ДА НЕ СЕ ИЗНЕНАДИТЕ КАКО ГРУЕВСКИ И ФАМИЛИЈАТА СЕ ВРАТИЛЕ НА ВЛАСТ
Заедничкиот кандидат за претседател на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва на трибината во Општина Карпош ги повика граѓаните да излезат да гласаат на 5-ти мај за неговиот концепт „едно општество за сите“.
– Последна шанса ќе ни биде на 5-ти мај да излезе и да дадеме поддршка на овој концепт, не на Стево Пендаровски, туку на целата политичка филозофија која Македонија ја носи во Европа, за на 6-ти мај да не се разбудиме изненадени како е возможно Груевски и фамилијата да ни се вратат назад на власт, затоа што ние сме останале дома и сме мислеле дека само во нијанси се разликуваат политичките опции, рече Пендаровски.
Овде, како што додаде, станува збор за разлика во класи и во категории, а не во нијанси.
– Овие луѓе не сакаат да одиме во Европа, не сакаат сите да бидеме еднакви во општеството и не ги интересира концептот „едно општество за сите“. Тие водат сметка само Груевски да го вратат од Будимпешта и преку своите чираци да владее во Македонија, рече Пендаровски.
Тој истакна дека гласот за Гордана Силјановска е глас за Никола Груевски да се врати на власт и Ѓорги Иванов да продолжи да владее.
Коментирајќи го вчерашниот прв круг од изборите рече дека постојат неколку категории граѓани кои останаа дома.
-Вчера освоивме бројка на гласови која е надвор од нашите очекувања. Бројката на гласови е исклучителен капитал и оние кои не гласаа знаат дека оваа опција е единствена која не носи напред. Опозицискиот концепт ја руши внатрешната кохезија на нашето општество, не ги третира сите етнички заедници како еднакви, носи назадување во економска смисла, не враќа во конфликтното време и ниту случајно не може да не приближи до евроатлантските институции, истакна Пендаровски.
На трибината тој посочи дека постојат два столба на кои Макеоднија може да се потпира и развива.
– Внатре слога, кохезија меѓу нас независно од етничка и верска припадност и надворешно целосно интегрирани во евроатлантските интеграции. Со концептот на
опозициската партија сите етнички заедници и сите граѓани не се еднакви. Кај нив членовите на фамилијата се поеднакви од другите, а во надворешната сфера и политика тие воопшто не размислуваат за Европа, затоа што со овој концепт внатре никој од Европа нема да ги покани кафе да пијат во Брисел, а не да бидеме членки на НАТО и ЕУ, нагласи Пендаровски.