Ако Ангела Меркел не примеше еден милион мигранти во 2015 година, речиси сигурно ќе избувнеше нова војна на Балканот
„Ако Ангела Меркел не примеше еден милион мигранти во 2015 година, речиси сигурно ќе избувнеше нова војна на Балканот“, тврди познатиот германски политиколог Херфрид Минклер.
Тој во интервју за „Дојче веле“ посочи дека Меркел мудро препознала дека Балканот е „буре барут на европскиот поредок“ и дека треба мудро да се грижи за него.
„Во последните две години, со релативно мал број бегалци, со сите тие бегалски кампови во Морија и на други места, видовме дека само неколку илјади бегалци се доволни за да ги доведат тие земји на работ на нивните можности. Само да замислиме Меркел да ги затвореше своите германските граници, Австрија да ги затвореше границите, а потоа и Унгарците. Тоа значи дека на југоисток, од Унгарија, Хрватска, БиХ, па се до Егејското Море, би имало половина милион одеднаш, можеби и повеќе луѓе. Во таа ситуација, комплицираната етничко-конфесионална рамнотежа што постои на тие простори и областите каде што претходно се водеа војните поврзани со распадот на Југославија, би се распаднала до тој степен, што би морало да се смета дека повторно би дошло до големи конфликти и насилство. Кој знае како би се развила спирала на насилство во тој случај“, рече Минклер, додавајќи дека Меркел во тоа време го направила вистинскиот потег:
„И ако се ставивме во кожата на рационален политичар, или како што рече Меркел дека работите мора да се набљудуваат од нивниот крај, во таа ситуација беше сосема разбирливо да се каже дека е подобро овие луѓе да се пуштат во Германија, каде што и тие сакаа да одат. Односно, тие не инсистираа на безусловна примена на Даблинскиот договор, за да се спречи Балканот, кој веќе беше буре барут на европскиот поредок, повторно да заврши во безредие“, објаснува Минклер.
Според него, посебно внимание посветено на Балканот ќе остане нешто што до крај ја следеше политиката на Ангела Меркел.„Балканот како шуплива југоисточна страна на Европа, како фактор кој ја загрозува стабилноста на Европа, како регион за кој Европејците мора да се грижат, но на паметен начин, тоа ја следеше политиката на Ангела Меркел до самиот крај. И затоа сум на мислење дека тоа секако одигра важна улога во одлуката да се користи територијата на Германија, така да се каже, како базен за распределба на проблеми кои можат да имаат опасни последици на Балканот“, рече овој аналитичар.