„Син на мајка, ќерка на татко“ – Македонците и Балканците најприврзани и најзависни од родителите
Тато носи, мама меси, детето седи. Оваа изрека најголем дел од младите Македонци ја сфаќаат буквално, а тоа го потврдува и статистиката. Слична е состојбата во целиот регион.
Податоците на Евростат (Европската статистичка агенција) покажуваат дека во Македонија младите го напуштаат домот на своите родители кога во просек имаат 31.5 години. Со тоа сме на трето место во Европа.
Подоцна од Македонците родителскиот дом го напуштаат единствено Хрватите (на 31.9 години) и Црногорците кои се рекордери на целиот континент (32.5).
Во Бугарија просекот е 28.9, во Грција 29.4, во Словенија 28.3, во Србија 31, во Турција 27.4.
На ниво на Европската Унија просекот е 26 години, а најрано од родителскиот дом се иселуваат младите во Шведска (со 21 година), во Данска (21.1) и во Луксембург (21.4).
Овие податоци се однесуваат на 2017-та година и нема сериозни промени во последната декада. Во Македонија просекот во 2009-та бил 30.9 години, а во 2014-та 32.
Во сите земји машките деца во просек подоцна го напуштаат домот од женските, но ова е особено изразено во Македонија, за мажите тоа се случува во просек на 35.2, а за жените на 27.5 со што просекот е 31.5 години.
Зошто младите тешко се осамостојуваат?
Проблемот има повеќе димензии, објаснуваат социолозите. Според нив едната страна која веројатно има и поголемо влијание е финансиската зависност и тешкото доаѓање до сопствен дом, а другата е самиот менталитет.
„Секако дека во посиромашните земји младите, па и не само младите, сите зависат повеќе од семејството“ објаснува социологот Мери Блажевска. „Во Македонија има многу брачни парови кои се приморани да живеат со свекорот и свекрвата во заедница. Причина за тоа секако се скапите недвижности во однос на платите“ вели таа.
Сепак, и менталитетот има значајна улога за ваквата состојба – по традиција децата кај нас се научени се да добијат на тацна.
„Во Западна Европа, а пред се во Северна Америка децата од најмала возраст се учат дека мора да се потпрат на себе“ вели Блажевска. „Таму не е срамота на 16 или 17 години да се вработите во сендвичара, во бутик. На овој начин родителите ги учат своите деца дека мора сами да заработуваат и полека да се осамостојуваат“, вели таа.
„Џабе не работи, џабе седи“
„Џабе не работи, џабе седи“. По оваа искривена девиза се водат голем дел од младите во земјава.
28 годишната Сања Трајковска не работела ниту еден ден во својот живот. Вели дека не би прифатила било каков ангажман со оглед на тоа што има високо образование.
„Па пет години поминав на економскиот факултет, студирав банкарски менаџмент, имам одличен просек. Зарем сега да работам на шалтер во банка за мизерни 300 евра“, прашува таа.
Борис Ѓураковски, пак, е ветеринар. Дипломирал пред 8 години, две години одел на пракса во една од скопските ординации но кога му понудиле да го задржат за 15 илјади денари одбил. Сега и тој седи дома и чека од мама и тато.
„Јас сум доктор по ветеринарна медицина, на Запад би земал илјадници евра плата а овде ми нудат само 250 евра, па толку ќе трошам за храна и превоз да одам до ординацијата во Волково“, вели тој.
Македонија на врвот по младинска невработеност
Ако ранливите категории се потпираат на социјалната помош, младите остануваат зависни од родителите. Процените на Меѓународната организација на трудот велат дека со 50.1% младинска невработеност, Македонија била на трето место во светот по невработени млади во 2017-та. На листата која ја објави Светската Банка со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54.2% и Босна и Херцеговина со 67.5%.
Македонија слабо вложува во младите, заклучува и Светската банка. Во најновиот индекс на човечкиот капитал земјава е оценета со 53 на скала од 0 до 100. За девојчињата оценката 55, а за момчињата 52.
Ова значи дека дете родено денес кога ќе порасне ќе биде продуктивно 53 проценти од она што би можело да биде ако имало целосно образование и било целосно здраво.
Индексот на човечкиот капитал на Македонија е понизок отколку просекот на регионот и групата на приходи. Децата во Македонија, додека наполнат 18 години се очекува да завршат 11.2 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 6.8 години што значи дека има јаз во учењето од 4.4 години.