Пронајденo новo археолошкo наоѓалиштe при изградбата на експресниот пат Штип-Кочани

Изминатиот викенд ангажираните работници на кинески „Синохидро“ при изведбата на експресниот пат Штип – Кочани кај селото Жиганци, пронајдоа остатоци од ранохристијанска базилика, која датира од третиот до шестиот век.

Археолозите на штипскиот Завод и музеј, кои веднаш дошле на терен, првично соопштија дека се работи за дел од поголем објект од базилика (црква) од ранохристијанско време. Работниците ископале влезна порта – делови од скали и градежни тули. Ова за архолозите се вредни наоди и втори што се пронајдени на трасата на експресниот пат.

Директорот на Завод и музеј, Мите Штерјов потврди дека денеска до Агенцијата за државни патишта е испратен допис за програма и пресметка.

-Очекуваме најмалку еден месец да траат работите на истражувањето и конзервацијата, во кои треба да бидат вклучени триесетина луѓе. Финансирањето на работите се на товар на Агенцијата за државни патишта. Активностите на овој локалитет и тие кај претходно најдениот кај селото Соколарци, ќе чинат околу два милиони денари – рече Штерјов.

За инвеститорот на експресниот пат, клучно прашање е што ќе промени овој нов археолошки наод. За директорот на Агенција, Зоран Китанов, оваа информација беше нова и при денешната посета на изведбата на патот Пробиштип – Злетово, кратко изјави дека тоа ќе го решат по институционален пат.

Од друга страна, директорот на штипскиот Завод и музеј, Штерјов, кој е археолог по професија, вели дека локалитетот е на 100 метри од трасата и во зависност од тоа што ќе најдат, ќе се види дали ќе има поместување на трасата. Застој нема да има, бидејќи додека работи екипата на музејот, градежниците продолжуваат на друг дел од патот.

Ова е втор археолошки локалитет што е пронајден на трасата на експресниот пат Штип – Кочани, по откривањето на некрополата кај Соколарци. Сепак, за директорот на Агенцијата за државни патишта, Китанов, археолошките наоѓалишта не се проблем, туку до сега работата на патот, како што рече, ја усложнила експропријацијата, која кога го презел проектот, била завршена со само 10 отсто.

Translate »