Додека ние масовно се иселуваме, кој се доселува во Македонија?

Секоја година во земјава се доселуваат по неколку илјади луѓе, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Дел од нив се македонски државјани кои се враќаат во матичната земја, дел се странци со привремен престој и странци со продолжен престој. Се доселуваат луѓе од регионот, но и од други држави.

Од 2013 заклучно со 2017 година, најголем прилив на доселеници имало во 2015 година и тоа над 5.000.

Бројките покажуваат дека во 2013 година се доселиле 3.991 луѓе, во 2014 се доселени 4.208, следната 2015 година имало 5.358 доселени, во 2016 се 4.743, а во 2017 година нивниот број изнесувал 4.386.

Бројот на македонски граѓани е многу мал во однос на странците кои овде мигрираат привремено или со подолг престој.

Ресен, Гостивар, Кичево, Врапчиште се општини каде има најголем број доселени од други држави.

„Немаме точни информации, но секако има Македонци од Албанија кои се преселиле во Македонија како матична земја од 1991 година и ден денес се селат. Од нив има доселени во Ресен, но и во цела Македонија“, вели Никола Ѓурѓај, од македонското друштво „Илинден“ од Тирана.

Се доселуваат граѓани од Србија, Хрватска, Словенија, помалку од БиХ и Црна Гора, а многу повеќе од сосема други земји.

„Во Општина Босилово се случува македонски државјани кои работеле во странство, по влегување во пензија да се вратат во родното место, а по основ на брак има жени од Албанија кои тука се мажат, но таа бројка е многу мала“, коментираат мештани од Босилово.

Луѓето се доселуваат по основ на склучување на брак, школување, работа, семејни врски и слично.

Македонија се соочува со иселување на населението, а пописот кој ќе се одржи следната година ќе даде детална слика за тоа колку жители има во земјата. 

izvor faktor.mk

Translate »