Српско-руската „Нефа мебел“ преку ноќ ги затвори продавниците и измами стотици македонски купувачи:
Српско-руската фирма за мебел „Нефа мебел“ без најава ги затвори сите продавници во Србија и Македонија, а стотици купувачи останаа без можност да ги добијат однапред платените нарачки. Руската компанија „Спилит“ која го произведува мебелот што го продава „Нефа“, пред два дена преку ноќ побегна од Врање и остави долгови и 300 работници без работа, објавија српските медиуми.
Во Македонија, компанијата имаше три продавници во Скопје – во Сити мол, Капитол Мол и ГТЦ, и во Велес, Гостивар, Прилеп, Битола, Тетово, Охрид, но сите одеднаш затвориле, а купувачите велат дека продавачите кои биле внатре не можеле да им дадат информации како да ги добијат нарачките. Исто така, избришани се и српската и македонската интернет страница и фејсбук-профилите.
Бев во сите продавници, а и во скопскиот магацин, тој беше затворен, но продавачите немаат информации дали и кога ќе ни биде испорачан купениот мебел што го плативме со рок за испорака од 35 дена. Ни рекоа да дојдеме в понеделник, ама не верувам дека ќе отворат – вели скопјанец кој не ја добил гарнитурата платена 20.000 денари, пишува СДК.мк. Тој уште вели и дека со повеќемина купувачи го пријавиле случајот во Агенцијата за заштита на потрошувачите, но не знае дали тоа ќе помогне да си ги добијат нарачките.
Во Белград, пак, гневните купувачи провалиле во магацинот и однеле што нашле, а исто така провалиле и во деловните простории на руската фирма „Спилит“ и однеле што им дошло при рака – компјутери, столици, телевизори. Купувачите велат дека продавницата примала нарачки до минатата недела, а некои имаат порачки и до илјада евра.
Српските медиуми велат дека според податоците на српската Агенција за стопански регистри, 49 отсто од „Спилит“ е сопствениост на белградски „Холодекс“, а 51 отсто на рускиот партнер „ООО Корољ Диванов“, додека „Холодекс“ е стопроцентен сопственик на „Нефа мебел“. Зад обете фирми стои рускиот бизнисмен Андреј Ходашевич, сопственик на две големи фабрики за мебел во Русија, „Много мебел“ и „Корол Диванов“. Доказ дека двете компании се поврзани е фактот оти веднаш штом „Спилит“ заминал од Врање, интернет и фејсбук страниците на „Нефа мебел“ во Србија, а од денеска и во Македонија се изгасени.
Исто така, преку ноќ Србија ја напуштил и директорот на „Нефа мебел“, кој на менаџерите по е-пошта им кажал дека „заради технички преглед на автомобилот мора итно да замине во Русија“, пишуваат српските медиуми.