Чомовски: Не ми е јасно, како бизнисменот Орце Камчев би можел да се исплаши од Бојан Јовановски
Новинарот Александар Чомовски, кој работеше во 1ТВ, прозборе за ситуацијата во која се наоѓа оваа телевизија. Откако менаџерот на 1ТВ, Бојан Јовановски, е во притвор како првоосомничен во случајот „Рекет“, расте интересот во јавноста што ќе се случува со телевизијата и новинарите кои таму работат.
Гостувајќи во радиото Канал 77, Чомовски рече дека не знаел дека неговиот менаџер бил под посебни истражни мерки неколку месеци. Тоа значи дека Јовановски веројатно со судски налог бил прислушувал од надлежните.
– Доколку Бојан бил под ПИ мерки и бил прислушуван, значи дека сме биле и ние прислушувани. Ние сме се слушале со него еднаш два дена во неделата во просек, да се договориме за емисиите и слично – рече Чомовски.
Во емисијата телефонски се вклучи и адвокатот Александар Тортевски, па го запраша Чомовски, како такви новинарски имиња какви што имаше во 1ТВ не знаеле од каде му се парите на Јовановски.
– Ние не сме ниту адвокати, ниту УЈП – рече Чомовски и возврати со контра-прашање дали вработените кај адвокатот Тортевски знаат од каде му се нему парите.
Чомовски додаде дека не му е јасно како еден бизнисмен како Орце Камчев би можел да се исплаши од човек како Бојан Јовановски, алудирајќи на тоа дека во овој случај играта е многу поголема.
Тој беше запрашан и за она што се пишува по социјалните мрежи дека тој е оној кој ќе го изгаси светлото во телевизијата.
– Луѓето забораваат дека откако се затвори А1 телевизија јас бев дел и од други телевизии кадешто започнав свои проекти. Една од нив е и Топ-тема на Телма, која е исклучетелен телевизиски проект – рече Чомовски.