Доктор од Македонија на 74 години е во топ- форма, 6 дена во неделата вежба во теретана

 Во светот на медицината името на Јордан Јанев е поврзано со оралната хирургија. Како повеќегодишен претседател на Здружението на специјалисти по орална хирургија на Македонија, долгогодишен професор на Стоматолошкиот факултет во Скопје, научник, човек кој со својата посветеност и љубов придонесе да се подигнат стандардите во оваа област од медицината во нашата земја.  Истовремено е и страствен планинар, зависник од интензивна спортска активност, човек кој на 74 години плени со својата физичка подготвеност, подвижност и изглед. Токму неговото страсно планинарско хоби и топ физичка форма беше повод да поразговараме неформално со него.

Што е тајната за добриот изглед на 74 години според вас?
 Редовна, секојдневна и континуирана физичка активност, потоа здрав начин на исхрана и што помалку стрeсови.
Која е вашата дневна рутина, во колку часот станувате?
 Вообичаено легнувам по полноќ, а станувам окoлу 9 часот наутро. Денот ми започнува со подготовка на појадокот. А веднаш потоа, пред да појадувам , почнувам со задолжителна получасовна лесна гимнастика, вежби за загревање и растегнување. Потоа правам 5 серии по 15 склека дневно.
Какви се вашите оброци и кој оброк е најважен според вас?
 Јас сметам дека најважно е оброците  да се распоредат на 5 пати во денот, при тоа водејќи сметка оброкот да се состои од здрава храна, внесување на повеќе протеiни, а што помалку масти и јаглехидрати. За појадок најчесто корнфлекс и мусли со јогурт или млеко (со низок процент на масти), и една банана. Овошјето треба да се консумира до пладне. Фруктозата, јаглехидратите од овошјето се претвoраат во масти.
За ручек најчесто јадам свежа риба или свежо пилешко месо, гарнирано со брокула, моркови, компир, и сето тоа приготвено во сад на ,,Цептер,, без масло. Црвеното месо веќе 20 години е исфрлено од моето мени.
За вечера јадам  интегрален багет со кравји млечни производи, 4 варени јајца и тоа само белката, жолчката ја фрлам.
По колку часа вежбате и дали го правите тоа, секој ден?
Морам да признаам дека јас сум веќе зависник од физичката активност, бидејќи од катадневното вежбање организмот синтетизира еден хормон кој создава задоволство и зависност.  Обично по доручекот 6 пати во неделата одам во теретана на боди-билдинг, при што вежбањето трае еден час и триесет минути. Ако го пресметам времето поминато за утринските вежби и времето во теретана, јас вежбам два часа секој ден освен во недела, бидејќи тогаш теретаната не работи. Потоа секоја среда, сабота и недела сум на планина, без разлика на временските услови. Така овие три дена добивам дупли тренинг и теретана и планина. Годишно 200 дена сум на Водно, а во неделите се качувам на повисоки планини, Титов врв, Љуботен, Кораб, Солунска глава и други. Во денот се можам да направам, но ако немам физичка активност, не сум исполнет и не можам да заспијам.
Што би им препорачале на вашите врсници, а што би ги советувале младите?
 Младите ги советувам, обавезно да се занимаваат со некој спорт, за да немаат време да мислат на пороци, помалку да типкаат на компјутерите и телефоните. На тој начин ќе превенираат искривувања на рбетниот столб и расипување на видот.
За возрасните препорачувам да ги фрлат клучевите од автомобилите, и повеќе да  ги користат нозете кои ни се дар од бога. На тој начин ќе се спасат од болеста на цивилизацијата – ,,автомобилите,,. Истражувањата покажале дека секојдневна прошетка од половина час го продолжува животот. Се разбира не можат сите да одат на Водно, но затоа пак можат да пешачат на рамно.
 Со синот Едвард, и внукот Кристијан
Translate »