Во Емиратите и Турција со накитот на Елена Поповска

Елена Поповска е сопственик на ателјето “My Precious”, кoe се наоѓа во Капиштец. По образование е магистер по земјоделски науки, а почнала да изработува накит пред десетина години. Филигранството го научила на обука во Занаетчиската Комора Скопје. Сега таа ги подучува другите на филигранството. До сега има обучено над 40 ученици.

Во моментов има група од 6 ученици по филигран, а во ателјето врши обуки за изработка на ќустек-накит од плетена монистра. Поповска ја преставувала Македонија на повеќе настани низ светот, меѓу кои и во Турција и Емиратите. Ја прашавме за тајните на филигранството ,нејзините креации, но и за обуките и ширењето на овој традиционален занает.

 

Дали секој може да го научи филигранството?

-Секој кој има многу голема желба може да го научи овој занает. Се зависи од желбата и упорноста. Можеби некои од учениците се подобри од другите на почеток, но на крајот најмногу зависи од упорноста и поминатото време во работа. Колку повеќе се работи, толку подобри резултати се постигнуваат.

Кои квалитети се потребни за да бидеш успешен во овој занает?

-Најважно е да си стрплив. Трпението си доаѓа само од себе со работата. Филигранот е како медитација. Постепено не учи како самите да се спознаеме, како да си ги увидиме нашите недостатоци и како да работиме на нив за да ги надминеме. Треба да се почитува конкуренцијата и постојано да се трудиш да се надминеш себеси за да бидеш меѓу најдобрите.

Дали филигранството е исплатлив занает?

-Како и сите останати традиционални занаети, така и филигранот не може да биде имун на промените настанати со развојот на технологиите и начинот на живот. Сега се е брзо, се е истант, се оди на квантитет, а помалку се мисли на квалитетот. Брзањето по пари и профит делува негативно и на филигранот. За неговото изработување потребно е целосно да се вложиме. Тоа е техника која бара време, трпение, емоции. Не може да се изработат големи количини, а со самото тоа и нема голем профит. За среќа кај нас, а во последно време и во светот, кај многу луѓе се јавува потребата да се дистанцираат од машинските изработки. Бараат нешто автентично, нешто што е направено само за нив, производи полни со емоции. Тој нов инпулс кај потрошувачите ни е светла точка која ни покажува дека сепак можеме да опстанеме финансиски и не тера да одиме напред.

Од каде ви се идеите за креациите и кои материјали ви се омилени во креирање на накит?

-Идеите ги наоѓам во природата. Бидејќи по струка сум магистар по генетика и селекција на градинарски растенија, првата љубов цвеќињата ја преточив во создавање нови сорти цветови кои ќе останат расцветани со децении. Отсекогаш сум била фасцинирана од убавината и елегантноста на цветовите. Сега пробувам таа убавина да ја доловам со нишките на среброто или бакарната плоча. Боите пак сакам да ги доловувам со различните полускапоцени камења, бисери, но и монистра. Сакам да комбинирам различни техники при изработувањето накит, затоа што тоа ми овозможува целосно да ја претставам мојата идеја како ја гледам природата околу мене.

Translate »