Шилегов ветува дека годинава ќе се реализираат зелените коридори на Серава и Лепенец
Ќе добие ли Скопје конечно зелени коридори кои ги ветуваше актуелната и претходните градски власти, како еден од предусловите за подобрување на квалитетот на воздухот во скопската котлина или тие и понатаму ќе собираат прашина заедно со бројните развојни студии на градот низ децениите?
Студијата за воспоставување на зелените коридори, изработена по барање на претходната градска администрација во 2017, а која се повикува на постари развојни стратегии и планови за Град Скопје уште од 60тите години на минатиот век, покажала кои се условите и можностите за воспоставување зелен коридор долж река Лепенец, од клучката кај село Орман до вливот во реката Вардар, како и по течението на река Серава, од изворот до вливот во река Вардар. Според истата студија, вкупната површина на зеленило во градот, според податоци од 2012 година изнесува 529 хектари или 6% од целокупната урбана површина на градот.
„Улогата на реката Лепенец долг период беше запоставена, како потенцијален простор за поврзување со зелената мрежа на Градот, како во смисла на подобрување на квалитетот на животната средина, така и како рекреативен простор, особено заради определбата на град Скопје да ја проширува својата територија за развој и градба во непосредната околина на реката“, се наведува во Студијата за зелените коридори. „Реката Серава, како поројна река, која низа години предизвикувала проблеми со изливање, низ градската територија, одамна е регулирана делумно со прокопани канали, а делумно е водена под земја. Но нејзината улога во пренос на свежите воздушни маси од планината Скопска Црна Гора, каде што извира, е несомнена“, се вели натаму во студијата.
Во самата студија се признава дека „двете реки сега се користат како реципиенти на отпадни води од домаќинствата и производните објекти. На одредени делници, покрај реките, се исфрла отпад, комунален и градежен шут, што значително ги девалвира вредностите на реките и нивните крајбрежја. Лепенец поминува низ три скопски општини – Ѓорче Петров, Карпош и Бутел. Заштитата подразбира и спречување на излевање на фекални и отпадни води.
Воспоставувањето на зелени коридори долж реките Вардар, Треска, Серава и Лепенец за ублажување на штетните последици од прекумерната урбанизација и за промена на микроклиматските услови во скопската котлина беше едно од листата на 39 барањата од граѓанската иницијатива О2 Коалиција со која се кандидатите за градоначалник на град Скопје пред локалните избори во 2017 година се обврзаа да ги реализираат заради подобрување на лошата состојба со животната средина во главниот град. И актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов беше потписник на листата.
Дополнително, Шилегов минатата година, кога беа актуелни преговорите со еко-активистите на „Го сакам Водно“ околу изградбата на гасоводот преку Водно се обврза, како дел од компензаторските мерки за надоместување на изгубените зелени површини на парк шумата Водно настаната со сечење поради гасоводните цевки, за што уште лани се пофали дека добиле средства од Владата. На крајот на 2018 година, Советот на Град Скопје одобри ставка во буџетот во износ од 5 милиони денари за реализација на зелените коридори.
Мониторингот на реализацијата на предизборните ветувања од оваа листа ги врши Политичкиот бројач кој се наоѓа на сајтот „Мој воздух“. Засега, од 39. ветувања, Политичкиот бројач регистрирал дека Шилегов реализирал само едно ветување – прекин на прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат за време на денови со високо аерозагадување, додека за 19 стои дека е почната реализацијата. Воспоставувањето на зелените коридори на скопските реки засега фигурира како нереализирано ветување.
Прашан до каде е реализацијата, Шилегов на неодамнешна прес-конференција одговори дека Град Скопје ја изработил целосната документација за проектот и дека таа е доставена МЖСПП.
„Се надеваме дека по кадровските промени со новиот министер ќе имаме подобра соработка. Подготвени сме целосно да го реализираме овој проект“ – изјави тогаш Шилегов.
Од Град Скопје информираат дека проектот е во соработка со УНДП и дека во моментов се изработува деталната изведбена техничка документација за коридорот на Серава. Предвидените 5 милиони денари во Буџетот на Град Скопје се наменети за изведување на почетните уредувачки активности, кои ќе се одвиваат во повеќе фази, се наведува во писмениот одговор од службата за информирање на Град Скопје.