Младите работници не ги знаат своите права, не се информирани ниту за заминувањето во пензија
Помалку од половина од младите сметаат дека се запознаени со правата од работен однос, но високи 70 проценти имаат ниско или многу ниско ниво на информираност за своите права, покажува истражувањето спроведено во Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во рамки на меѓународниот проект „Права на работа, работа за права“ поддржан од Еразмус плус програмата.
„Интересно е и тоа што младите потпишуваат се, ама најчесто не читаат што потпишуваат, па така ќе стават потпис на решението за распоредување без притоа да погледнат што стои во него, а ова е многу важно затоа што потоа при несакани случки токму тоа може да биде клучно“, се вели во заклучоците од истражувањето.
Еден дел од младите се изјасниле дека го читаат Законот за работни односи и правилниците во органзиацијата, а како значен извор на информирање за своите права од работен однос 37 проценти од испитаниците го посочиле Синдикатот, 32 проценти дека се информирале самостојно, а 20 проценти тоа го направиле преку организацијата во која работат.
Истражувањето покажа дека скоро сите испитаници се запознаени со поимот мобинг, но она што загрижува е фактот дека дури 54 проценти од младите не се информирани за заминувањето во пензија.
Жените се повеќе информирани и подобро запознаени од своите права отколку мажите, а значајни разлики за степеност на информмираност има меѓу лицата со различен степен на образование. Најслабо информирани за своите права се работниците со средно образование за разлика од нивните колеги со високо образование.
Затоа дел од препораките се синдикатите да изнајдат начини и форми овие разлики да се намалат и да се работи на поголема едукација и информираност на младите за нивните права.
Според Александра Кнезевиќ, координатор на проектот и програмски директор на Развојниот центар за млади во Белград, само задоволен работник, може да биде продуктивен работник.
–„Нашата цел беше да ја подигнеме свеста на младите вработени со цел да ја подобрат својата положба во работната околина“, истакна Кнезевиќ на завршната конференција што изминатиот викенд се одржа во Белград.
Како дел од овој регионален проект од декември лани до декември годинава реализирани се голем број активности насочени кон информирање и едукација на младите вработени за нивните права од работен однос. Обучени се 36 едукатори кои одржале 40 работилници на кои учествувале над 600 млади. Изработени се и 10 видео клипови со најчестите прашања и одговори со кои се соочуваат младите, како и брошура за правата од работен однос.