Новогодишна шопинг треска – се купува како да нема утре
Торбите се полнат, паричниците се празнат – во деновите пред празниците се пазари како да нема утре. Во трговските центри е вистинска врвулица иако не е сезона на попусти.
„Знам дека во јануари истиве парчиња облека ќе бидат за 20 до 30% поевтини, но сакам да се подновам за дочекот, цела година напорно работам и мислам дека заслужувам“, вели скопјанка која има околу 30 години.
„Јас излегов за да купам подароци, за ќерката, за внукот и за зетот. Мене ништо не ми треба. Си велам подобро една недела порано отколку последните денови кога ќе има многу гужва, но ете и сега се чека ред на каса“, вели една повозрасна госпоѓа.
Традиционалното на најмалите освен играчки и други изненадувања им се даруваат и новогодишни пакетчиња. Тие чинат од 150 па до 1.500 денари во зависност од големината, количината на слатки и секако производителот.
Освен за подароци пари се трошат и за украсување на домот. Новогодишните елки чинат од 20 до 200 евра, во зависност од големината и квалитетот. За тие кои сакаат природна пак најевтини се во јавните претпријатија, чинат 1.100 денари, а саксијата е ваша обврска.
Новогодишната елка не оди без лампиони. Пластичните се продаваат во сет од по десетици и чинат до 300 денари, стаклените пак се продаваат поединечно по цена од 60 денари па нагоре.
„Секако дека најевтините се продаваат најмногу. Овде имаме и уникатни, рачно изработени украси кои чинат од 500 па и над 1.000 денари за парче, но тие се повеќе украс за самата продавница, речиси и нема побарувачка за нив“, вели вработена во продавница за подароци која е уредена во новогодишно – божикно руво.
Но новогодишната шопинг треска не запира тука. Во последно време тренд е семејното фотографирање. Фото сесија чини и над 1.000, во зависност од имиџот на студиото.
Празникот толку се комерцијализирал што денес кај нас имате можност да го изнајмите Дедо Мраз не час или повеќе. Дедовците со бели бради се рекламираат и на интернет огласниците – бараат од 1000 до 1300 денари за час.
Секако, најважни се плановите за самиот дочек, за вечерта на 31 декември. Има многу опции – дома, кафеана, дискотека или на пат. Сепак, се зависи од домашниот буџет.
И оние кои ќе останат дома ќе потрошат значителна сума – ќе треба да готват или да купат храна, да земат и нешто за пиење.
Кога сето ова ќе се собере се доаѓа до вртоглави суми. Македонците за празниците во просек секоја година трошат над 60 милиони евра.
До точни податоци не може да се дојде бидејќи нема прецизни статистички податоци, но повеќе показатели упатуваат на ова – ако секое семејство во просек одвојува по стотина евра, а во земјава има над 500 илјади домаќинства се стигнува до оваа солидна сума. Дополнително, секоја година во декември се повлекуваат по околу 30 милиони евра повеќе преку платежните картички од просекот во останатите месеци, а во продавниците околу половина од прометот е на картичка, а половина во кеш.
izvor denar.mk