„Професорите садат“ – дополнување на дендропаркот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје со глобално значајни дрвенести растенија
Денес, со пригодна манифестација, се изведе дополнување на дендропаркот во Скопје со значајни и ретки дрвенести растенија од северната земјина хемисфера. Во присуство на наставниот кадар и студентите на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се засадија пет садници од дрвја и грмушки значајни за светската дендрофлора. Имено, еден од северноамериканските грмушести видови, Franklinia alatamaha, според Меѓународната организација за зачувување на природата (ИУЦН) е исчезнат во дивината, а метасеквојата е загрозен вид дрвје од Азијана Црвената листа за растенија на ИУЦН. Asimina triloba и Clerodendrum trichotomum се исклучително ретки грмушки во урбаното озеленување во нашата земја, додека пињолот е типичен претставник од медитеранските борови.
„Имаме чест но и чувствуваме обврска да дадеме наш придонес во зачувувањето на загрозените видови дрвенести растенија, а со тоа едновремено да го збогатиме дендрофондот на оваа наша разновидна колекција на живи дрвенести растенија, којашто според многу нешта е единствена во нашата држава и е една од најбогатите живи збирки во регионот“, истакна деканот на Факултетот на денешната свеченост заблагодарувајќи му се на Градинарскиот центар „Фоја КО“ за иницијативата и поддршката за обнова на дендропаркот.
„Стопанството и науката секогаш треба да соработуваат. Горди сме што имаме можност да помогнеме во збогатување на дендрофлората за наставно-образовни и научноистражувачки цели. Според површината што ја зафаќа и бројноста на различните таксони, како и местоположбата во урбана средина, оваа колекција со право се нарекува светска градска шума“, рече сопственикот на „Фоја КО“ со нескриена желба денешниот настан „Професорите садат“ да прерасне во традиција.