Проблемот со паркирањето во Скопје е равенка со многу непознати (инфографик + видео)

Уништено зеленило, паркирани возила по улиците, караници и тепачки меѓу возачите и секојдневни нервози при барањето слободно паркинг место се само мал дел од последиците што ги чувствуваат граѓаните од проблемот со недоволно паркинг места во Скопје. Бројот на автомобили во градот расте многу побрзо од изградбата на нови објекти за паркирање, додека јавниот превоз бележи континуирано намалување на бројката на превезени патници.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на крајот од 2018 година на територијата на Град Скопје биле регистрирани 149.484 патнички автомобили. Оваа бројка значи дека на скопските улици се движат 18.844 повеќе автомобили во споредба со декември 2014 година, кога биле регистрирани 130.640 автомобили.

Во идентичниот период, бројот на превезени патници во скопскиот јавен превоз е намален за дури 8 милиони. Според документите за годишното работење на ЈСП – Скопје, во 2014 година биле регистрирани 52,9 милиони патници во јавниот превоз, додека четири години подоцна со градските автобуси биле превезени 44,7 милиони патници. Во вакви услови, клучното прашање што се поставува е каде ќе се паркираат сите 150.000 автомобили во главниот град.

Недостиг на паркинг места

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов минатата пролет изјави дека на градот му недостигаат околу 8.000 паркинг места за решавање на овој проблем. Од ЈП „Градски паркинг“ за „Мета.мк“ ја потврдуваат ваквата бројка, но потенцираат дека самите немаат доволно финансиски средства за да инвестираат во нови објекти за паркирање.

– ЈП „Градски паркинг“ – Скопје со моменталниот ценовник на услуги не обезбедува доволно финансиски средства за да инвестира во капитални објекти – посочуваат од ова јавно претпријатие.

Според Годишниот извештај за работењето на ЈП „Градски паркинг“ за 2018 година, бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање на станарите бил поголем од вкупната бројка на паркинг места со која располага ова јавно претпријатие. На крајот од 2018 година, тие издале 8.852 бесплатни дозволи, додека имале ставено на располагање 8.324 паркинг места. ЈП „Градски паркинг“ во моментов стопанисува со 9.245 паркинг места, но и издава повеќе бесплатни дозволи за паркирање поради годинешното вклучување на делови од општина Аеродром во зонското паркирање.

Со идентичен проблем се соочуваат и од ЈП „Паркинзи на општина Центар“ (ПОЦ), кои располагаат со 5.173 обележани паркинг места во централното градско подрачје. Имено, бројот на активни кориснички договори за повластени паркинг карти за жителите на општина Центар за прво возило е 9.203, односно тие констатираат недостиг на 4.030 паркинг места.

Постојните паркинзи се преполни и не ги задоволуваат секогаш потребите на граѓаните. Фото: Бојан Блажевски

Од „ПОЦ“ за „Мета.мк“ велат дека во 2020 година ќе изградат монтажен паркинг со 287 паркинг места позади општинските бараки во Дебар Маало, а со реконструкцијата на улицата „Орце Николов“ ќе се добијат дополнителни 80 места за паркирање. Сепак, од претпријатие тврдат дека надминувањето на проблемот со паркирањето не може да се темели на изведба на нови објекти за паркирање, туку на подобрување на јавниот превоз во градот и на користење на велосипеди и електрични тротинети од граѓаните.

Неприфатливо е граѓаните да плаќаат за паркинг пред својот дом

Со ваквите констатации се согласува и професорката по урбанизам Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет при УКИМ. Таа потенцира дека граѓаните треба да ги менуваат навиките за движење низ Скопје, но пред тоа, институциите мора да подготват долгорочна стратегија по ова прашање. Градските власти треба да ги испитаат навиките на граѓаните и нивните секојдневни потреби за движење низ градот, а паралелно со тоа да набават нови превозни средства за јавен транспорт. За секои пет години работење на градската администрација треба да се постават приоритети што ќе се реализираат.

Професорката Пенчиќ нагласува дека постои регулатива со јасни прописи за обезбедување на минимален број на паркинг места за одредени намени, при што во самите ДУП – ови треба да се дефинира каде и како ќе се обезбедат паркинзите.

– Често се случува урбанистичките планови да планираат развој без да се испита реалната можност за обезбедување паркинзи, па проблемот се префрла кај оние кои треба да издаваат одобренија за градба. А токму таму е и најголемиот притисок за неисполнување на дадениот услов за обезбедување паркирање и често се лажираат проектите – посочува Пенчиќ.

Покрај надградбите на објектите без обезбедување на дополнителни паркинг места, професорката од Архитектонскиот факултет го нагласува проблемот со продавањето паркинг места во новоизградените згради, кои им се нудат на станарите по високи цени независно од домот што го купуваат.

– Како и да се претпоставува, сепак тие (н.з. паркинзите) веќе се влезени во цената на чинење на становите со одредување на цената на секој метар квадратен поединечно. Сигурно оној што гради не ги изградил со сопствени пари и на своја сметка – вели таа.

Покрај проблемот со недостиг на паркинг места на јавните паркиралишта и малверзациите што се прават со задолжителните паркинзи при изградба на нови објекти, голем проблем во Скопје е и непостоењето на иновативни решенија што би можеле барем да го ублажат недостигот на слободни места за паркирање.

Проектот „Паркирај и вози“ (Park & Ride) веќе деветта година чека да биде реализиран од страна на Град Скопје. Оваа идеја била вклучена во Планот за одржлив транспорт на градот уште во 2011 година, но досега не е изграден ниту еден паркинг на периферијата на Скопје што би можел да ги прими возилата на посетителите на главниот град. Овие паркиралишта на влезните точки на градот се замислени да постанат транспортни терминали, од каде што ќе поаѓаат автобуски линии и ќе има велосипеди за изнајмување до различни дестинации во Скопје. Секој граѓанин што ќе паркира на ваков паркинг ќе има и обезбеден јавен превоз до градот.

Од Секторот за сообраќај при Град Скопје за „Мета.мк“ тврдат во моментов немаат информации и насоки за реализација на проектот „Паркирај и вози“.

– Локациите за реализација на овој проект треба да се предвидат во деталните урбанистички планови што ги донесуваат општините во Градот Скопје – напоменуваат градските власти.

За повеќе информации во врска со инвестирањето во нови објекти за паркирање, од Градот Скопје не препратија за одговори до ЈП „Градски паркинг“, од каде пак веќе добивме податок дека немаат доволно финансиски средства за инвестирање во нови монтажни паркинзи.

Градските власти велат дека досега не е направена детална анализа за тоа колку навистина паркинг места недостасуваат во Скопје. Растечкиот број на автомобили, велат од Град Скопје, би можел да доведе до зголемување на проблемот со паркирањето, но тие не располагаат со конкретни бројки по ова прашање.

Мерки за решавање на проблемот

И додека властите имаат многу непознати равенки во решавањето на проблемот со паркирањето во Скопје, граѓаните преку сопствени иницијативи реагираат за надминување на проблемот со недостиг на паркинг места. Давор Давидовиќ ја има изработено мобилната апликација „Паркирај“, која има за цел да го автоматизира и дигитализира плаќањето зонски паркинг во Скопје и на возачите да им овозможи едноставно да најдат слободно паркинг место.

„Паркирај“ во наредниот период ќе објави статистика за фреквентноста на зоните за паркирање во Скопје. Давидовиќ потенцира дека најголем недостиг на зонски паркиралишта во моментов има во Карпош. Тој дополнува дека паркинг хаосот во градот е создаден поради конфузната распределба на паркинг зоните и недостатокот на пространи паркиралишта.

Најголем проблем, вели тој, е фактот што не е искористен потенцијалот на многуте податоци што се генерираат на дневна основа од зонското паркирање, кои би можеле да доведат до донесување на поинформирани одлуки за паркинг прописите во Скопје од страна на властите.

Подоброто ползување на податоците што се генерираат од секојдневното плаќање на паркингот е само една од мерките што може да се искористи. Самите јавни претпријатија нудат идеи со кои може да се реши проблемот со паркирањето во Скопје. Од ЈП „Градски паркинг“ велат дека градските власти ќе мора во иднина да преземат мерки за зголемување на цените за паркирање, што би ги демотивирало граѓаните да користат автомобил.

– ЈП „Градски паркинг“ – Скопје во скора иднина ќе достави предлог до Советот на Град Скопје за покачување на цените на услугите за 50 отсто, во одредени зони – информираат од ова претпријатие.

ЈП „ПОЦ“ веќе е во процедура за добивање на простор за формирање депо наменето за хаварисани возила. Според нивните проценки, само во општина Центар има околу 220 хаварисани возила кои ги окупираат местата за паркирање на возилата. На паркингот кај „Дом на градежници“ е зголемена цената на паркирањето на 250 денари за еден час за нерезиденти, со цел да се реши проблемот со недостигот на доволно места за жителите од околните згради. Не е исклучено слична мерка во иднина да стапи на сила и на други локации.

Катните гаражи од „Скопје 2014“ – пропадната инвестиција

Според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, претходната владејачка гарнитура за изградба на само шест катни гаражи во главниот град потрошила фантастични 56.898.845 евра, односно во просек по 9 милиони евра за изведба на еден ваков објект за паркирање. Експертите посочуваат дека со овие пари би можело целосно да се реши проблемот со паркирањето во Скопје, ако се инвестирало во монтажни паркинзи низ градот. Овие објекти за паркирање чинат неколкукратно помалку, можат да се изведат на локации на кои во моментов постои хроничен недостиг на паркинг места и во иднина едноставно да се размонтираат.

Монтажните паркинзи се најевтино решение за проблемот со паркирањето на критичните места. Фото: Бојан Блажевски

Професорката Пенчиќ потенцира дека во моментов не може да се дојде до релевантен податок за вкупната бројка на паркинг места што постојат во Скопје. Сепак, таа вели дека клучниот начин за решавање на овој проблем се деталните урбанистички планови и нивната построга изработка во иднина.

– Единствена мерка која може да се пропише со новите ДУП – ови, а дополнително да не се зголемува, барем плански, проблемот со паркирање, е да се пропише задолжително задоволување на потребите од паркирање за новите градби во рамки на нивната парцела – нагласува професорката Пенчиќ.

Актуелните податоци за нашата земја покажуваат дека степенот на моторизација на македонските граѓани во моментов е далеку под просекот на ЕУ. Ако во 2017 година, во земјите – членки на ЕУ имало по 500 патнички автомобили на секои 1.000 жители, во Македонија оваа бројка изнесувала 195 автомобили на секои 1.000 жители. Бројките низ годините и искуствата од соседните земји покажуваат дека бројката на автомобили во Скопје ќе продолжи да расте и во наредниот период.

Следствено на ова, несериозниот пристап на властите, на инвеститорите и на граѓаните кон проблемот со паркирањето може единствено да го направи уште понеиздржливо живеењето во Скопје во текот на наредните години.

Автор: Бојан Блажевски

Translate »