Македонски парадокс: Се расфрламе со струја, по загадување сме први, а последни по енергетска ефикасност (инфографик)
Терминот „енергетска ефикасност“ во Македонија е несериозно сфатен, како од властите и инвеститорите, така и од самите граѓани. Земјава е на самото дно во Европа по спроведувањето на мерки за намалување на потрошувачката на енергија, чиј износ е најзагрижувачки во делот на загревањето на домовите во зимскиот период. Како последица на ова, македонските градови редовно се наоѓаат на светскиот врв по загадувањето на воздухот, додека граѓаните плаќаат неразумно високи сметки за потрошена енергија, иако сме една од најсиромашните земји во Европа.
Актуелната влада направи позитивен исчекор напред со изготвувањето на Законот за енергетска ефикасност, кој во моментов се наоѓа на гласање во националното собрание. Сепак, експертите посочуваат дека стапувањето во сила на овој закон ќе биде бескорисно без итни промени на подзаконските акти – двата правилника за енергетски карактеристики на зградите и за енергетска контрола. Покрај средувањето на легислативата, на Македонија под итно ѝ е потребно да формира национален Фонд за енергетска ефикасност, којшто би претставувал централно место преку кој ќе се прераспределуваат сите инвестиции што ќе се прават во иднина.
Усвојување на законот, средување на подзаконските акти
Петар Николовски, доктор на технички науки, посочува дека инвестициите во енергетска ефикасност се беспредметни, ако не знаеме за што ќе ги потрошиме.
– Добра енергетска ефиканост е релативен, паушален поим, само една индивидуална процена. Затоа, потребни се параметри што ќе бидат точно пресметани за секоја зграда – посочува тој.
За да биде возможно да се направат ваквите пресметки пред да се инвестира во објектите, неопходно е да се направат итни промени во Правилникот за енергетски карактеристики на зградите и Правилникот за енергетска контрола, како подзаконски акти.
Правилникот во моментов ги третира енергетските карактеристики единствено на станбените објекти, а треба да ги вклучи сите седум – осум типа на објекти кои имаат различни намени – од здравство и образование па сѐ до индустриско производство. Самиот правилник воедно треба да се надополни со седум – осум пратечки документи, меѓу кои се и климатолошките податоци за нашата земја, кои ќе им овозможат на енергетските контролори да вршат пресметка на коефициентите за енергетска ефикасност за секој објект одделно. Како резултат на тоа, секој објект во изградба или реконструкција ќе треба да има изработено посебен елаборат како предуслов за добивање на одобрение за градење. На самиот крај од изградбата, објектот би добил енергетски пасош со јасно истакната потрошувачка на енергија што ќе ја имаат корисниците на просториите во иднина.
Наместо ова, македонските правилници во моментов пропишуваат единствено потреба од издавање на пишана потврда од енергетски контролор, во која е наведено само дека новиот објект ги задоволува пресметаните параметри за енергетска ефикасност. Наместо да бидат унапредени самите подзаконски акти, со извршените измени и дополнувања во изминатиов период правилниците се унаказени за да полесно се издаваат одобренија за градење и употребни дозволи за зградите.
– По ваквите измени на правилниците, почнаа манипулирања со пишаните потврди за новите објекти. Тоа е copy – paste систем, некои од инвеститорите почнаа да доставуваат идентични потврди за зградите што ги градат – тврди експертот Петар Николовски.
Неопходно е формирање на Фонд за енергетска ефикасност
Откако ќе се донесе законот и ќе се средат подзаконските акти, експертите посочуваат дека Македонија ќе мора да тргне похрабро во вложување за намалување на потрошувачката на енергија.
Славко Митовски, советник за енергетска ефикасност, посочува дека преку Националната програма за енергетска обнова на колективни станбени згради во Бугарија се инвестирале 500 милиони евра во обнова на 2.721 објект во изминатиов период. Со новата програма за енергетска ефикасност ќе се инвестираат дополнителни 1 милијарда евра, при што сопствениците на станови кај нашиот сосед воопшто не учествувале со сопствени средства во обновата на зградите.
Фонд за енергетска ефикасност е неопходен, посочува Славко Митовски, а тој би требало да се полни со средства од Светската банка, од Европската Унија, од еколошки такси, од самиот државен буџет на земјава и од други извори. Најпрво ќе треба да се реконструираат јавните објекти, како што се болниците, училиштата, градинките, општинските згради, објектите на министерствата и државните агенции. Според пресметката на Светската банка, во Македонија во моментов има 2.441 ваков објект под ингеренции на државните институции и локалните власти.
Поаѓајќи од фактот што Македонија не е земја – членка на ЕУ и нема пристап до нејзините фондови за енергетска ефикасност, Митовски предлага јавните објекти да се обноват енергетски преку бескаматни револвинг кредити, кои би им овозможиле на институциите да ги враќаат кредитите преку остварените годишни заштеди на енергија откако ќе се изврши промената на прозорците и вратите, и ќе се изведат нови кровови и енергетски ефикасни фасади.
– Со енергетската обнова ќе се направат минимум 50 отсто заштеди на енергија и финансиски средства. Во зависност од пакетот на мерки за енергетска ефикасност кои ќе се спроведат, периодот на отплата ќе биде помеѓу 5 до 6 години – нагласува Митовски.
Од Министерството за финансии за „Мета.мк“ информираат дека токму формирањето на Фондот за енергетска ефикасност, заедно со првичните инвестиции во енергетската ефикасност кај јавните објекти, ќе започне догодина. Државата преку кредит од 25 милиони евра од Светската банка ќе вложи во Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Од нив, 5 милиони евра ќе се одвојат за формирање на националниот фонд, додека преостанатите средства се наменети за реновирање на здравствените установи и за објекти под ингеренции на локалните власти, како и за техничка поддршка и имплементација на проектот.
– Во текот на проектот се предвидува реновирање на околу 100 згради на локално и на централно ниво. Времетраењето на проектот е пет години, односно до 2025 година – информираат од Министерството за финансии.
Од Министерството за економија потврдуваат дека позначајни инвестиции за енергетската ефикасност најпрво ќе се вршат кај јавните објекти. Во 2020 година треба допрва да започне изработката на типологија на згради во резиденцијалниот сектор, со кој ќе се направи увид во реалната потрошувачка на енергија кај колективните згради и куќите во земјава. Врз основа на ваквата типологија, државата ќе изготви Стратегија за реконструкција на згради за домување, јавни и комерцијални згради, и тоа во рок од две години по влегувањето во сила на Законот за енергетска ефикасност.
– По донесувањето на соодветната законска регулатива за формирање на Фондот за енергетска ефикасност, првично е планирано средствата од Фондот за енергетска ефикасност да бидат наменети само за финансирање на проекти за енергетска ефикасност во јавниот сектор – велат од Министерството за економија.
Наспроти правните лавиринти и бројните документи што треба да се усвојат пред реализацијата на инвестициите, организациите кои работат со имплементирање на мерките за енергетска ефикасност посочуваат на алармантни бројки за состојбата во која се наоѓа станбениот фонд во земјава.
Од „Хабитат Македонија“ нагласуваат дека само 30 отсто од населението во земјава живее во домови со термичка изолација. Околу 80 отсто од станбениот фонд е изграден пред 1991 година. Само за реконструкција во насока на имплементирање на енергетската ефикасност во станбените згради, на земјава ќе ѝ бидат потребни над 500 милиони евра како проценет инвестициски потенцијал.
Обновата на покривот, изведбата на нова фасада или промената на прозорци и врати е комплексен процес кај колективните згради, за кои е потребна согласност од сите станари кои живеат во објектот, велат од „Хабитат Македонија“. Нивното искуство покажува дека организацијата при реконструкција на зградите е најголемиот предизвик со кој се соочува самата инвестиција во енергетска ефикасност.
Друг начин за зголемување на енергетската ефикасност е набавката на нови грејни тела и уреди во домаќинствата, кои трошат помалку енергија. Македонската влада во моментов врши распределба на субвенции за купување инвертери за 10.000 домаќинства во градовите со енормно загадување во земјава. Очекувањата на владата се да се намали потрошувачката на дрва и нафта за загревање на домаќинствата, со што би се намалило аерозагадувањето. Во иднина, преку програми на националниот Фонд за енергетска ефикасност ќе може посистематски да се инвестира токму и во овој аспект на енергетската ефикасност.
Помала потрошувачка на енергија значи и помало загадување
Најважен бенефит од крупните инвестиции во намалувањето на потрошувачката на енергија на национално ниво е токму намалувањето на загадувањето на воздухот во градовите. Експертот Петар Николовски нагласува дека постои директна врска помеѓу енергетската ефикасност и аерозагадувањето.
– За колку проценти ќе ја намалиме потрошувачката на енергија, за толку ќе биде намалено загадувањето на воздухот – објаснува тој.
Тој потенцира дека Македонците првенствено живеат во индивидуални згради. Голем дел од нив или немаат фасади, или немаат термичка изолација на кровот, а во некои случаи, прозорците и вратите е неопходно да се променат за да се зачува топлината во домот. На граѓаните треба да им се објасни дека ваквите инвестиции можат да доведат до намалување на потрошувачката на дрва или нафта за загревање на домот во зимскиот период, со што автоматски би се намалило загадувањето од оџаците.
„Хабитат Македонија“ имаат направено конкретни пресметки, кои покажуваат дека енергетски ефикасна реконструкција на 60 станбени згради би довела до намалување на годишната потрошувачка на енергија во износ од 7.910 мегават часови, додека во воздухот би се испуштиле за 3.670 тони помалку јаглерод диоксид од домовите. Ова би значело почист воздух што го дишат сите граѓани.
И од Министерството за финансии очекуваат значајни подобрувања на квалитетот на воздухот по реализацијата на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор преку кредитот од Светска банка.
– По пресметковни методи, првичните проценки за намалување на емисиите од сите инвестиции по завршување на новиот проект укажуваат на намалување на СО2 емисиите за 234.919 тони СО2 еквивалент, намалување на ПМ2.5 честичките за 69.866 тони, намалување на SОx гасови за 437.062 тони и намалување на NOx гасови за 165.212 тони – истакнуваат од ова министерство.
И експертската јавност и државните власти се сложни дека инвестирањето во енергетската ефикасност е неодложен чекор што треба да почне во најскоро време. Македонија е една од ретките европски земји во која не е формиран Фонд за енергетска ефикасност, ниту пак е средена регулативата од оваа област.
Чекорите што треба да се преземат веќе се познати, а искуствата од соседните земји може да се искористат за побрза примена на мерките за енергетска ефикасност кај нас. Без подигање на свесноста за потребата од инвестиции, воздухот во градовите ќе ни остане загаден и во наредните години, а сите ние ќе продолжиме да се жалиме од висината на средствата што ги издвојуваме за плаќање на сметките за греење и ладење.
Автор: Бојан Блажевски