Расте увозот на храна во земјава!
Расте увозот на храна во земјава. За дванаесет месеци лани сме увезле храна и живи животни вредни 670,8 милиони евра или за 43,1 милиони евра повеќе од претходната 2018 година – покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Увозот на храна во земјава пораснал за речиси 120 милиони евра во споредба од пред 5 години. Така во 2015 година во земјава влегла храна од странство вредна 552 милиони евра.
Статистиката пресметала дека за 12 месеци лани пак од земјава за странство отпатувала храна вредна 367,4 милиони евра, што е за 47,7 милиони евра повеќе од претходната 2018 година. Иако расте вкупната трговска размена на државава и на страната на увозот и на извозот, статистиката покажува дека земјава е пренатрупана со храна од странство, додека домашното производство главно завршува за извоз.
Ако се земат пак статистиките за земјоделските производи, излегува дека земјава која се декларира за земјоделска и дели стотици милиони евра субвенции за земјоделците лани увезла од странство земјоделски производи вредни 138,5 милиони евра или за речиси 5 милиони евра повеќе од 2018 година. Додека за дванаесет месеци лани извезла земјоделски производи за 271 милиони евра, или за 40 милиони евра повеќе од претходната година.
Инаку вкупната вредност на извозот на стоки од земјава пак во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 6,4 милијарди евра и бележи пораст од 9,6% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 8,5 милијарди евра, што е за 10.3% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 2 милијарди евра.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 75.9%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во периодот јануари – декември 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најголеми наши трговски партнери биле Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.