Би-би-си за животните лекции што ги испраќа ,,Медена земја,,
„Медена земја“ зазеде простор и во еден од најпопуларните и највлијателните медиуми во целиот свет – Би-би-си.
Под насловот „Оскари 2020: Животни лекции од последната одгледувачка на диви пчели во Европа“, британскиот медиум ја раскажува приказната за почетоците и текот на снимањето на документарецот, искуствата на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, но и за животот на Атиџе Муратова.
Авторката на текстот, Тамара Ковачевиќ, раскажува за почетоците на снимањето, за тоа како Тамара и Љубо истражувале во зафрлени планиниски области за да направат краток документарец, како ја нашле Атиџе и како снимањето траело три години.
-„Медена земја“ е за период од животот на Атиџе кога нејзините антички методи за пчеларство доаѓаат во конфликт со оние на новодојденците во нејзиниот зафрлен роден крај. „Медена земја“ има толку многу да каже за зачувувањето на природата, но лекциите од филмот исто така се и за човечкиот живот и за односите – се наведува во текстот.
Лекциите кои авторката на текстот ги препознала во филмот се издвоени во меѓунаслови. Првиот е „Делење за преживување“ во кој е наведена мантрата на Атиџе: „Пола за мене, пола за тебе“, која таа ја повторува додека се грижи за пчелите, а за која авторката на текстот наведува дека е порака која е во опасност да се изгуби во модерниот свет.
Во однос на фамилијата Сам, која доаѓа во селото на Атиџе и го нарушува балансот на нејзиното живеење, Тамара за Би-би-си вели дека режисерите не сакале да ја претстават фамилијата Сам како симболи на деструкција, туку само како огледало на сите нас кои носиме лоши одлуки на основа на потребата за преживување.
Под вториот меѓунаслов „Мудроста може да биде посилна од силата“ Тамара раскажува за способноста да се комуницира со пчелите, за силата која е потребна за да им се приближите, трпеливоста за да научите да ги припитомите.
-Овој начин на живот не бара сила, туку мудрост – вели Тамара и додава дека пчеларството ја направило Атиџе толку маркантна личност.
Третата лекција е: „Можете да бидете сам, но не и осамен“.
-Атиџе со пчелите се однесува како да се нејзина фамилија и се грижи за нив како да се нејзини деца. Иако нејзиниот живот е многу суров, Атиџе не се чувстува осамено – вели Котевска.
Таа додава дека љубовта која Атиџе ја чувала за сопствена фамилија, која никогаш не се реализирала, на крајот отишла кај пчелите и дека таа наоѓа среќа во секое живо суштество околу нејзе и тоа ќе биде така додека е жива.
„Сликите зборуваат посилно од зборовите“ е следниот меѓунаслов, а во овој дел од текстот се раскажани искуствата на екипата и како неразбирањето турски јазик ги принудило да наоѓаат уникатни решенија.
Потоа авторката на текстот објаснува како „Пчелите и луѓето се слични“, пренесувајќи го, меѓу другото, и впечатокот на режисерите, раскажан од страна на Тамара, за тоа како мајката на Атиџе, Назифе, личи на пчела матица, која никогаш не ја напушта куќата, но нејзината мудрост ја води ќерка ѝ во тешките времиња.
На крајот можеби најубавата поента на текстот е дека „Неонската светлина не може да се израмни со ѕвездите во Македонија“.
Целиот текст можете да го прочитате тука.
Преземено од Факултети.