Хаос во Грција: Сириец застрелан, дете се удавило кај Лезбос, полицијата користи вистинска муниција
Едно дете се удавило, а 47 мигранти биле спасени откако нивниот чамец се превртел во близина на грчкиот остров Лезбос, соопштила денес грчката крајбрежна стража.
На социјалните мрежи се појавила и информација дека еден Сириец е убиен на граничниот премин со Грција.
Ситуацијата со мигрантите се заострува, а грчката војска соопштила дека во областа долж реката Еврос, користела вистинска муниција.
Четвртиот корпус на грчката војска најавил воени вежби со вистинска муниција на сите гранични точки во Кипои и Кастаниса, каде моментално престојуваат илјадници мигранти. Како што се наведува, во текот на вежбите ќе бидат користени пиштоли, пушки, митралези и слично оружје.
Војската предупредува дека секое движење на луѓе, животни или возила е забрането за време на траењето на вежбите.
На социјалните мрежи се појавило и видео кое наводно покажува уште една жртва од “војната” на мигрантите и грчката гранична полиција.
Наводно, грчката полиција застрелала еден Сириец, но засега нема никакви официјални потврди за тоа.
Најмалку 1.000 мигранти дошле до грчките острови во источниот дел на Егејското море од неделата наутро. Мигрантите тргнале кон турско-бугарската и турско-грчката граница и кон грчките острови откако Анкара во петок соопштила дека ќе ги отвори границите кон Европската унија, откако во Сирија во напад на владините сили загинале 33 турски војници.