Искуство на Американка која го победила коронавирусот: Мислев дека имам грип, дома се лекував (ВИДЕО)
Жена од Сиетл која тврди дека се опоравила од инфекцијата на новиот коронавирус има еден совет за сите останати – не паничете.
Елизабет Шнајдер (37) верува дека вирусот го „фатила“ на домашна забава, бидејќи неколку дена подоцна се разболеле повеќе нејзини пријатели кои биле присутни, и тоа во исто време како и таа. Три дена по забавата на 22 февруари Елизабет била на работа кога и се слошило.
– Чувствував умор, болка во целото тело, главоболка и блага грозница, па одлучив да одам дома – вели таа за Си-Ен-Ен. Кратко спиела, а кога се разбудила имала температура 38,3 степени Целзиусови, а кога повторно легнала истата се искачила на 39,4 степени.
– Мислев дека имам тежок грип – вели Елизабет.
Воопшто не ѝ паднало на памет дека тоа може да биде новиот коронавирус бидејќи симптомите не се вклопувале. Не кашлала и воопшто немала проблеми со дишењето. А потоа дознала дека десетина од нејзините пријатели кои биле на истата забава се разболеле истиот ден, во истото време, со многу слични симптоми. Сепак, таа и нејзните пријатели не се тестирани за коронавирусот. Лекарите мислеле дека станува збор за грип, а потоа резултатите за тестирањето за оваа болест биле негативни.
Елизабет успеала да се тестира за коронавирусот кога се пријавила за истражување на болеста во Сиетл. Вели дека од болеста се опоравила дома, со одморање и земање на лекови кои може да се купат без рецепт.