Анксиозност и паника: Што сè прави стравот од корона вирусот на психата?

Пандемијата на корона вирусот предизвика паника, страв и стрес низ светот. Но, изгледа дека најтешко се погодени оние кои веќе имаат психички проблеми, пренесува Guardian. Како да го заштитите психичкото здравје во време на корона вирус?

Реакциите на кризна ситуација во светот се многубројни. Се шират страв, тага, немоќ и анксиозност. Некои се лути, други не можат да спијат или се концентрираат на секојдневни обврски.

Луѓето масовно избегнуваат физички контакт со други луѓе, не сакаат да користат јавен превоз или да престојуваат во простории со голем број луѓе. Сето тоа се одразува на психичкото здравје, се пресликува и на физичкото па многумина имаат стомачни проблеми или нарушена работа на срцето.

Од Светската здравствена организација објаснија дека пандемијата влијае на психичкото здравје на луѓето, па советуваат избегнување на гледање, читање и следење вести кои можат да предизвикаат анксиозност и стрес.

Карантинот и самоизолацијата може да имаат негативно влијание, покажува истражување објавено во Lancet минатиот месец. Но, експертите советуваат да се трудите да ги избегнувате социјалните мрежи бидејќи преку нив се крева непотребна паника. Многу луѓе пријавиле дека имале напад на паника во моменти кога соочени со обична настинка поради вести и информации на интернет ја помешале настинката со корона вирусот.

„Ме изненади фактот што почнав да кашлам, мислев дека сум се заразил. Се сеќавам дека во тој момент не можев да дишам од шок“, објасни еден студент за Guardian. „Му се јавив на матичниот доктор и разговарав со него, па утврдивме дека сум настинат, односно сум имал напади на паника и на анксиозност кои траеја и до половина час. Не можев да дишам“, вели тој.

Според CNN, постојат неколку работи кои треба да ги правите ако сакате да го заштитите психичкото здравје во време на пандемија на вирусот.

Пронајдете еден проверен извор на информации и следете ги тие новости, трудете се следењето на нови информации да не биде во текот на целиот ден, значи бидете во тек, но не се фокусирајте само на тие вести.

Контролирајте го времето минато на социјалните мрежи, ако имате проблеми со анксиозност и стрес разговарајте со пријател, роднина или терапевт за да имате поддршка за разговор. Одржувајте редовна хигиена, внимавајте на исхраната и практикувајте квалитетен сон. Не заборавајте да бидете физички активни.

извор: kajgana

Translate »