Во касарна на Криволак групен карантин за 200 лица, пикот се очекува за еден месец, а бројката на заболени може да достигне 2.000
Сите тројца нови лица на кои им е дијагностициран коронвирус се од Скопје. Станува збор за сопружници од Скопје кои се тестирале на Клиниката Жан Митрев, а пак, материјалот за тестирање го однел член на семејството. Третиот пациент е исто од Скопје, а симтоми имал една недела, а сите лица со кои контактирал се мапирани и се чекаат резултати од тестовите на членовите на неговото семејство.
„Стабилна е состојбата на пациентите, како и на пациентката која е на респираторна машина. Во земјава има регистрирано 26 заболени пациенти. Утрово се тестирани 10 пациенти, позитивни се тестовите на 3 пациенти кои се тестирале на Клиниката Жан Митрев. Денеска, во Инстиутот за јавно здравје ги направивме повторно тестовите на тие пациенти и го потврдија нивниот резултат. Станува збор за пациенти од Скопје. Еден кој имал симтоми една недела и неговите контакти се мапирани и се изработуваат тестовите на членовите на семејството на овој пациент. Понатаму, фамилија сопружници, кои престојувале во странство и дошле во нашава држава пред неколку дена. Вчера, член на семејството ги однел материјалите на Клиниката Жан Митрев каде дале позитивни резултати. Првиот пациент е сместен на Инфективната клиника, сопружниците се сеуште на домашно лекување, тие во текот на денот ќе бидат префрлени на Клиниката за инфективни болести“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
Филипче рече дека брачната двојка патувала во Бугарија, а пак пациентот од Скопје имал гости од Србија пред да му биде дијагностициран коронавирусот.
„Пациентот од Скопје имал гости од Србија. Тоа се епидемиолошките податоци кои што ги имам засега. Тие се наводно заболени. Ги контактираат тие луѓе, а соодветните информации ќе ги известиме и српските здравствени власти. Толку колку што знам до сега, ќе известиме и со соопштение за другите тестови за членовите на семејството. Брачната двојка патувале во Бугарија, дошле тука, биле на домашно лекување. Тоа се податоците со кои располагаат епидемиолозите од утринските контакти со нив, од интервјуто. Така што, биле на домашно лекување и повторно самоиницијативно пратиле материјали-брисеви во Жан Митрев. Двајцата сопружници биле изолирани на домашно лекување“, рече Филипче.
Во однос на пациентката која допатувала со авион вечерта меѓу 12 и 13 во Скопје, во тек се контактите и интервјуата на сите сопатници.
„Вчера имаше уште една пациентка, патничка која дошла од Холандија. Денеска веќе се во тек контактите и интервјуата на сите сопатници кои патувале со истиот авион од Виена кој слетал вечерта меѓу 12 и 13 во Скопје. Бевме контактирани и од австриската амбасада и ги дадовме сите потребни информации. Со тоа, вкупната бројка на пациенти во нашата земја сега е 26, од кои 17 се во Скопје и 9 во Дебар“, рече Филипче.
Министерот за здравство, Венко Филипче посочи дека очекува согласно податоците од веќе заболените лица, бројот на заболени да се зголемува во идниот период.
Тој истакна дека мора да се почитуваат мерките за да се спречи локалната трансмисија.
Во однос на 200 лица кои беа заглавени на граница, а кои доаѓаат во земјава, тие ќе бидат во групен карантин во касарна на Криволак, посочи министерот.
„Дозволете да се обратам до јавноста со многу важни пораки. Епидемијата е во силен ек, секоја епидемија има свој тек, има почеток, пик, врв. Очекувано е согласно сите епидемиолошки податоци на луѓето, бројот на заболени да се зголемува во идниот период. Најважно е да се спречи локалната трансмисија, ќе направиме се да ја спречиме инфекцијата. Останете дома, не се собирајте, излегувајте само со итност, не контактирајте многу со луѓето, не се задржувајте во маркетите, држете дистанца, задолжително често мијте раце 20 до 30 секунди. Од сите зависи“, рече Филипче.
Тој е дециден дека на 200 лица кои одат во групен карантин ќе им бидат обезбедени сите услови.
„Околу 200 луѓе кои беа на унгарско-српската граница ќе дојдат со организиран превоз на преминот Дебе Баир. Најголем дел од нив, согласно информациите кои гимаме до сега, работеле во ризичните региони во Италија, дел од нив се од Австрија. Точните информации ќе ги имаме кога ќе влезат во нашата земја. Тие сите ќе одат во групен карантин, во касарната во Пепелиште во Криволак, каде има услови, медицинска поддршка, храна, соодветно обезбедување“, додаде Филипче.