Следува потопол период, колку тој ја ублажи состојбата со коронавирусот

Ширењето на коронавирусот стана глобален проблем кој не познава граници. Светската здравствена организација прогласи пандемија, а се поголем број држави се соочуваат со зголемување на бројот на заразени и починати. Голем број заразни болести имаат сезонски карактеристики и во голема мера зависат од климатските промени т.е. од распределбата на метеоролошките параметри како што се влажноста, температурата на воздухот и УВ-индексот. Оттука е многу важно да се добие релевантна информација околу сезонските карактеристики на времето и како тие би се одразиле на состојбата со ширењето на Ковид 19.

За таа цел, а со желба да дадат придонес во заедничката заложба на институциите за поуспешно справување со ширењето на Ковид-19, двајцата реномирани професори Владо Спиридонов, поранешен визитинг професор по метеорологија на Универзитетот во Виена и прим. д-р Оливер Зафировски, специјалист педијатар и поранешен директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, изготвија анализа за сезонските одлики на претстојната пролет во контекст на коронавирусот.

Иако е тешко да се даде оценка за тоа како климатските услови ќе придонесат за понатамошниот развој на коронавирусот, имајќи предвид дека постојат различни толкувања околу влијанието на климата врз вирусот, сепак оценката е дека не очекуваат потопли и посуви временски услови во текот на април, мај и јуни кои во најмала рака можат да придонесат за ублажување на состојбата и забавување на понатамошното ширење на коронавирусот.

Доктор Зафировски во анализата посочува дека се уште нема доволно доверливи научни сознанија за сезонскиот аспект на вирусот.

Дел од експертите сметаат дека сезонските промени на временските прилики ќе придонесат за подобрување на состојбата, но има и такви кои сметаат дека Ковид-19 нема да се однесува како сезонскиот грип кој има тенденција да опаѓа во пролетните и летните месеци.

– Од една страна, според одделни еминентни експерти од светот сезонските промени на временските прилики ќе придонесат за подобрување на состојбата. Многу од овие вируси се пренесуваат преку капки или преку директен контакт. Комбинацијата на овие две преносни механизми е фактор што ја одредува преносливоста во дадено климатско подрачје. Трансмисијата на капките во воздухот е поефикасна во ладна, влажна клима. Прелиминарни студии штотуку објавени покажуваат дека коронавирусот, може да опстане во надворешен амбиент, во аеросолите како суспендирани микронски лебдечки честички во воздухот до три часа. Температурата може значително да го промени преносот на Ковид 19, посебно на високи температури кога чувствителноста на вирусот е најизразена. Иако некои експерти за заразни болести не се доволно убедени, лабораториските истражувања на копија на коронавирусот (SARS-КоV-2) што предизвикува болест Covid-19, покажуваат дека топлината влијае на вирусот и влијае на неговото однесување. Истото мислење го дели и врвен професор по патологија на универзитетот во Хонг Конг, Johnон Николс. Според неговите сознанија – во студените околини, постои подолг опстанок на вирусот отколку во топлите средини. Така на пример, Одделот за епидемиологија на универзитетот Johон Хопкинс во Балтимор (со ова се сложуваат и многу други научници (епидемиолози), смета дека претстојниот топол временски период ќе биде примарен двигател на сезонскиот пад во ширењето на коронавирусот, вели Зафировски.

Од друга страна, наведува Зафировски, некои експерти веруваат дека Ковид-19 нема да се однесува како случаите со сезонски грип, кои имаат тенденција да опаѓаат во пролетните и летните месеци. Така, Марк Липчич, професор по епидемиологија на Харвард Т.Х. Шан школата за јавно здравје, неодамна објави анализа во која кажува дека потоплото време „веројатно нема“ значително да го забави ширењето на болеста.

Според други истражувања, пак, вирусот е исто така многу чувствителен на надворешно ултравиолетово зрачење и сончева светлина, посебно кога вредностите на УВ-индекс се повисоки од „3”. Од овие причини инфекцијата е со помала веројатност да се појави во сончеви периоди на отворено.

-Зголемената сончева светлина во престојниот период би можела да помогне во Северната хемисфера со оглед на фактот дека се повисок УВ-индекс се очекува во пролетните, а посебно во летните месеци. Но од друга страна сепак треба да се земат во предвид и препораките на здравствените институции за избегнување на штетното влијание на УВ-зрачењето и изложувањето на луѓето, во периоди кога истото има висока вредност, се наведува во анализата.

Професорот Спиридонов, кој се осврнува на метеоролошките аспекти во анализата, вели дека воопшто не е едноставно да се даде прецизен одговор за сезонските одлики на времето неколку месеци однапред, од причина што процесите во атмосферата оперираат во различна временска рамка од часови, денови (време), месеци, години до децении (климатска варија­билност), низ векови (климатски промени).

– Сезонскиот осврт и проценка за времето е сложена задача, бидејќи различни фактори и процеси влијаат на развојот и манифестацијата на времето над одредена област. Гледајќи од поблиску во одреден мод на климатска варијабилност, и глобалните климатски модели, подготвена е детална анализа за логичната поврзаност помеѓу одделни климатски индекси (NAO, AO, ENSO), со сезонските карактеристики на времето во претстојната Пролет-2020. Анализата дополнително користи излезни податоци од неколку глобални климатски модели (ECMWF, DWD, GFS,Met Office-UKMO, RCM-SEEVCCC) кои ги прикажуваат просечните отстапувања на температурите на воздухот на приземје, врнежите, притисокот сведен на морско ниво, температурите на 850мб и геопотенцијалот на 500 мб. Сите овие предвидувања претставуваат една просечна сезонска рамка во текот на три пролетни месеци (март-април-мај) и ја покажуваат општата преовладувачка временска состојба, објаснува Спиридонов.

Според сегашните показатели, предвидувањата за претстојниот пролетен период од 21 март до 21 јуни се дека ќе има тренд на постепено зголемување на температурите, како на максималните, така и на минималните. Во периодот од 23 до 27 март се најавува промена на времето со заладување, појава на врнежи од дожд и снег на планините. Април се очекува да биде променлив, со благо зголемување на температурите и наизменична појава на сончеви, облачни и врнежливи денови.

– Врз основа на сезонските изгледи, поголемо затоплување се очекува во месец  мај, посебно во јуни кога температурите според ECMWF би биле (1.0 до 2.0 °С) повисоки од просечните за овој период. Но карактеристично за мај и првата половина од јуни, би била честата појава на попладневна нестабилност со развој на олујни облаци, грмотевици, олујни ветрови и поројни врнежи, посочува Спиридонов.

Во анализата станува збор и за најновото истражување на Институтот за хумана вирологија, Факултет за медицина при Универзитетот во Мериленд, САД. Според институтот, до овој момент, коронавирусот  предизвикан од SARS-КоV-2, покажува значителна распространетост кај заедницата во градовите и регионите во еден тесен појас кој се простира од исток-запад, приближно меѓу 30-50 северна географска ширина, при пролонгирано опстојување на  слични временски услови (5-11°C) и релативна влажност на воздухот од (47-79%)

– Притоа научниците предлагаат и едноставен модел кој покажува зона со зголемен ризик за ширење Ковид-19. Со оглед на временското ширење меѓу областите со слични температурни карактеристики и географска ширина, може да се направат некои предвидувања во врска со потенцијалното ширење на корона вирусот Ковид-19. Користејќи го моде­лирањето на временските услови, можат да се предвидат регионите, кои најверојатно, би биле изложени на поголем ризик од значително распространетиот COVID-19, што би овозможило превземање на дополнителни напори од јавните здрав­ствени институции и владите ширум светот,  со цел уште поголем надзор, контрола и превентива во понатамошното ширење на вирусот, се вели во анализата.

Translate »