Владата ќе ги вгради опозициските барања во уставните амандмани

До крајот на неделата во Собранието ќе бидат доставени нацрт-амандманите за измена на Уставот на Република Македонија, согласно договорот од Преспа. Тие во себе ќе ги содржат и барањата на осумтемина пратеници од опозицијата, кои му дадоа поддршка на отпочнувањето  процес за уставни измени.

Тоа го изјави денеска премиерот Зоран Заев, по консултативната средба, која заедно со министерката за правда Рената Дескоска и шефот на дипломатијата Никола Димитров ја имаше со пратениците од опозицијата, кои веќе дејствуваат како независна пратеничка група.

Заев нагласи дека консултации ќе има со сите пратенички групи со цел да се запази законскиот рок што истекува в сабота.

– Очекувам кога ќе ги завршиме нацрт-аманадманите да се приклучат и оние пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои досега не се приклучија во делот на процесот на  гласање за отворање на потребата од промена на Уставот. Останувам со желба бројката да биде не 120, туку 110, нагласи премиерот.

На денешната консултативна средба било разговарано за сите четири точки, колку што доставија пратениците од опозицијата, кои го поддржаа отпочнувањето на процесот за измена на Уставот.

Биле усогласени конкретни насоки – делот за зајакнување на македонскиот идентитет, гаранцијата дека процесот ќе биде донесен до крај и нема да биде повторно блокиран од Грција, односно дека уставните амандмани ќе влезат во сила со рафитикацијата во грчкиот Парламент и во делот на внатрешната примена на новото име.

Втората тема, за која денеска разговарале Заев, Дескоска и Димитров со опозициските пратеници од  новата пратеничка група е формирањето кординативно тело што треба да работи на процесот на помирување во Република Македонија.

Телото ќе биде предводено од претседателот на Собранието, Талат Џафери, доколку тој прифати, во него ќе има тројца членови од новата пратеничка група, како и координаторите на сите пратенички групи во Парламентот.

-Во телото треба да се вклучат пратеници од сите политички партии, рече Заев и додаде дека тоа треба да го стори и ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали е потебна консултација со грчката Влада, Заев рече дека тоа не го предвидува договорот од Преспа, но во духот на договореното кога ќе биде дефинирано се ќе биде исконсултирана и грчката страна.

Според Заев, за СДСМ предлог-законот за амнестија е неприфалив. Тој додаде дека откако ќе се формира националното тело за помирување низ него ќе треба се најдат механизмите за помирувањето.

Тој додаде дека координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе има можност во тоа тело да ги престави сите апскети на помирувањето.

Translate »