Нова забрана за движење за младите до 18 години и за постарите од 67 години

Владата реши да се забрани движењето на младите до 18 години од 21 до 12 часот, а на постарите од 67 години од 11 до 05 часот следниот ден, сопшти вечерва премиерот Оливер Спасовски.

Тоа значи дека младите до 18 години ќе можат да се движат од 12 напладне до 21 часот, а возрасните над 67 години од 05 до 11 часот претпладне.

Тоа е направено за да не се поклопуваат овие две возрасни групи, младите како преносители на коронавирусот, а повозрасните како најризична категорија граѓани, истакна премиерот Спасовски во вечерашното гостување на ТВ24.

Спасовски информира и дека полицискиот час за сите се поместува од 21 до 05 наместо до 06 часот.

Утре на седница на Кризниот штаб ќе биде разгледана и можноста за целосно укинување на јавниот превоз.

Спасовски не исклучува и дополнителни рестриктивни мерки зависно од тоа какви ќе бидат проценките за развојот на настаните и колку граѓаните ќе бидат дисциплинирани во применувањето на досега донесените.

Апелира до сите да ги почитуваат воведените мерки и да останат дома, со цел да се запре ширењето на коронавирусот.

Translate »