Трамп го укина финансирањето на СЗО за време на пандемијата: Промовиравте лаги од Кина, мора да одговарате

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека ѝ наложил на својата администрација да го прекине финансирањето на Светската здравствена организација поради начинот на кој организацијата реагирала на пандемијата на коронавирусот.

Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа порача дека СЗО „не ја извршиле својата основна должност и мора да одговараат“. Според него, СЗО промовирале „дезинформации од Кина за вирусот“ и тоа довело до разгорување на епидемијата.

САД инаку најмногу придонесуваат за буџетот на СЗО за кој имаат издвоено над 400 милиони долари во 2019-та година, што е 15% од буџетот на организацијата. Ваквиот потег на Трамп беше очекуван со оглед на тоа што тој ја критикуваше Светската здравствена организација подолго време, но сеедно, наиде на големи критики.

Претседателката на Американското медицинско здружение, Патрис Херис оцени дека станува збор за „опасен чекор во погрешна насока кој нема да го олесни нанесувањето на пораз на Ковид-19“ и го повика шефот на државата да ја преиспита одлуката.

Translate »