КОВИД-19: Нови 908 дијагностицирани, 44 починати и 54 нови случаи, можно продолжување на вонредната состојба до 16 мај

Во земјата се зголемува бројот на заболени со коронавирусот, но вчера исто така беше регистриран и поголем број оздравени лица – 42.

Од почетокот на епидемијата во Северна Македонија регистрирани се 908 дијагностицирани со Ковид-19 и 44 починати. Позитивни на тестовите за коронавирусот вчера биле нови 54 лица, од кои најголем број односно 25 во Куманово. Општинскиот кризен штаб од овој град побара Владата да донесе одлука за карантин со посебни мерки.

И покрај бројот на новозаболени, охрабрува фактот дека се повеќе лица се оздравени

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, според последните информации, починаа четири пациенти на возраст над 60 години, од кои двајца од Лабуништа, еден од Прилеп и еден од Куманово. Во Болницата „8 Септември“ починаа две лица, пациент од Велес (67) и пациент од Куманово (59).

Потврдените 54 нови случаи на Ковид-19 се од Скопје (13), Куманово (25), Штип (1), Прилеп (10), Тетово (1), Велес (2), Гостивар (1), Кичево (1).

Оздравени се 42 пациенти. Со два негативни теста и во добра општа состојба од Инфективната клиника се испишани 10 оздравени пациенти, а регистрирани се и 32 оздравени пациенти 12 од Дебар и 20 од Скопје кои се лекуваа во домашни услови.

– Оваа информација не радува, мене и здравствените работници особено кога се справуваме со високоризична болест, рече министерот за здравство.

Карантин за Куманово со посебни мерки бара општинскиот кризен штаб

По зголемувањето на бројот на заболени од коронавирусот во Куманово, тамошниот кризен штаб побара четиринаесетдневен карантин со повеќе посебни мерки. Само вчера имаше регистрирано 25 новозаболени од Ковид-19 во овој град.

-Бараме од Влада на РСМ за издвојување на Општина Куманово и нејзината територија од рамката на општите мерки на Влада на РСМ, кои важат за севкупната територија на РСМ, со дополнителна 14-дневна, 24-часовна изолација (карантин во посебни услови) кој ќе важи од петок, 17.04.2020, и ќе трае до понеделник, 04.05.2020 година, со почитување на досегашните донесени мерки од Влада на РСМ, како и дополнителни претходно јасно дефинирани постапки во ваква ситуација од страна на ОШЗС на Општина Куманово, се вели во соопштенито на штабот.

Дебар и Гевгелија десетина дена без новозаразени

Во Дебар и во изминатото деноноќие нема новодијагностицирани со Ковид-19, со што позитивен случај не е регистриран веќе десетти ден. Последните два случаја позитивни на Ковид-19 беа потврдени на 4 април, а одтогаш  до денеска нема нови случаи. Исто така, и пред тоа три дена по ред немаше новодијагностицирани.

Бројот на заразените останува 49 од нив двајца се од Центар Жупа, односно првозаразените сопружници, кај кои болеста беше дијагностицирана по нивното пристигнување од Италија. Од вкупниот број 16 се излекувани, 29 се на домашно лекување при што за осум од нив се чека резултат од второто тестирање.

За жал четворица починаа, од нив тројца мажи од Дебар и жена од Центар Жупа.

Првиот тест на четиричленото семејство од Гевгелија, кое беше заразено од Ковид-19 беше направен вчера, потврдија од Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија, а изминатиов период од десет дена не се регистрирани нови случаи на заразени лица.

Епидемиолозите велат дека тоа е исклучително добра и позитивна вест, но и предупредуваат дека не смее да попушти мобилноста и спроведувањето на мерките за заштита од страна на граѓаните особено не сега пред и за време на Велигденските празнувања.

– Во гевгелискиот пункт на Центарот за јавно здравје до сега се направени 85 тестови на пациенти кои беа нотирани на епидемиолошката карта на веќе заболените лица,  кои моментно се чувствуваат многу добро, како и на лица кои се наоѓаа во државен карантин во хотелот ,,Фламинго“.Тестовите кај 65 лица се негативни на коронавирус, а останатите тестови се доработуваат, рече епидемиологот Сашо Олумчев.

Translate »