Француски вирусолог-нобеловец тврди: Ковид-19 е создаден во лабораторија

Лук Монтањие досега беше критикуван од неговите колеги за некои негови теории кои ги оценуваат како „скандалозни“

Францускиот вирусолог, добитник на Нобеловата награда за физиологија и медицина во 2008 година за изолирањето на вирусот на ХИВ, Лук Монтањие, тврди дека ковид-19 нема природно потекло и дека е создаден во лабораторија.

„Дојдовме до заклучок дека е направена манипулација со овој вирус“, рече Монтањие во интервју за француската телевизија „Си-њуз“( C-News).

„Вирусот нема природно потекло, тој е дело на молекуларен биолог. Не е познато со која цел е тоа направено. Мојата работа е изнесување факти, јас никого не обвинувам и не знам кој тоа го направил и зошто. Можно е  да сакале да произведат вакцина против вирусот на ХИВ“,

претпоставува нобеловецот.

Ова негово тврдење тој го темели на присуството на елементи од ХИВ и маларија во генот на новиот вирус, што според него е многу сомнително.

Лабораторијата во центарот на контроверзата

Некои американски весници вчера го поврзаа потеклото на ковид-19 со работата на лабораторијата П4 во Вухан, епицентарот на пандемијата.

Лабораторијата во Вухан

„Вашингтон пост“ оваа недела објави дека претставници за национална безбедност во администрацијата Трамп долго време се сомневаат во истражувачки капацитети во Вухан, како извор на коронавирусот.

Но, Франција вчера, преку кабинетот на претседателот Емануел Макрон,  соопшти дека засега нема докази за поврзаност меѓу новиот коронавирус и работата на оваа лабораторија.

Се работи за истражувачки центар за чие основање во 2004 година, Франција потпиша договор со Кина за истражување заразни болести, со највисоки безбедносни стандарди, опремена за справување со патогени од класа 4 (П4) – опасни вируси кои претставуваат голем ризик од пренесување од човек на човек, како што е ебола.

Според веб страницата, таа е најголемата банка за вируси во Азија, каде се истражуваат повеќе од 1.500 видови.

За основање на оваа лабораторија вложени се 42 милиони американски долари, која беше завршена во 2015 година, а конечно беше отворена во 2018 година. Како консултат во нејзиното основање се јавува , Ален Мериукс, сопственик на француска биоиндустриска компанија.  

Се простира на површина од 3 000 квадратни метри и е сместена во подножјето на ридот на периферијата на Вухан, град во кој живеат 11 милиони луѓе.

Ваквите сомнежи се појавуваат во време на силна меѓународна критика кон Кина дека ги прикривала вистинските податоци за обемот на епидемијата во земјата.

Кина во петокот ги ревидираше бројките од пандемијата, при што бројот на жртвите се зголеми за 1 300 луѓе.

Но, тие негираат дека се работи за прикривање, туку на недоволниот капацитет за нивно регистрирање за време на врвот на пандемијата.

Според Ворлдометерс во Кина, каде првпат беше регистрирана болеста која прерасна во пандемија, од коронавирус се заразени 82 719 лица, а починале вкупно 4 632.

И СЗО се најде под засилени критики поради тоа што не се посомневала во информациите што доаѓаат од Кина. Најконкретни беа критиките од САД.

Translate »