ИТАЛИЈАНСКИ ЕКСПЕРТИ ТВРДАТ ДЕКА ВИРУСОТ СЕ ШИРИ ПРЕКУ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ

Новиот коронавирус може да се шири на голема оддалеченост преку микроскопски честички кои го загадуваат воздухот, заклучи група на научници од Италија која смета дека не е случајност тоа што епидемијата изби во загадени средини.

Имено, според најновото истражување, вирусот би можел да биде уште позаразен од тоа што се мислеше. Според италијанските научници, вирусот може да се најде кај микроскопските честички кои го загадуваат воздухот, а посебно се наоѓаат во индустриските области со загаден воздух.

Во студијата која е објавена во Меѓународниот магазин за истражување на животна средина и здравје на населението, научниците препорачуваат носење на маски, затоа што дури и растојанието од два метри не е доволно. Тие ја проучувале областа околу Милано каде што има прилично лош квалитет на воздухот и тоа е регион со најмногу заразени во Италија.

Според зборовите на професорот Леонардо Сети, не е случајност што пандемијата на коронавирусот однесе најмногу животи во индустриски области како што се на пример Вухан и Њујорк.

Научниците велат дека се уште не дошле до заклучок до која мера вирусот се пренесува преку честичките, но нивното истражување продолжува. Тие засега тврдат дека единственото решение се превентивните мерки– задолжително носење на Маски, социјална дистанца и намалување на загаденоста на воздухот.

Според нив, ризикот од ширење на заразата е поголем во индустриските области, но исто така и на другите места, затоа што ние не можеме да знаеме што вдишуваме: „Ако се наоѓате во опкружување на луѓе, секогаш носите маска“, советуваат италијанските доктори, пренесува “CBS News”.

Извор: Sputnik News

Translate »