Полицијата упадна и ја блокираше донацијата на Заеви: Граѓаните не можат да ја добијат помошта, се бара потекло на стоката

Полициски екипи со шест возила синоќа упаднале во магацин каде што волонтери на невладината организација „Сите заедно можеме“ пакувале пакети со донации кои требало да бидат донирани на социјално загрозените семејства поради кризата со коронавирусот.

Јавната обвинителка Лидија Георгиева наредила стопирање на донациите за загрозените семејства од осум општини и побарала документи за потекло на стоката. Наводно волонтерите од организацијата кои ги пакувале пакетите со помош биле задржани во полициска станица до четири часот наутро, а пакетите со храна и други намирници биле оставени на улица.

Првиот човек на невладината организација, Александар Маркоски појаснил дека фактурите и испратниците не ги чуваат во магацин и дека тие се кај донаторите на помошта, односно кај семејството Заеви.

Тој обвинува дека акцијата на полицијата е политички мотивирана, нагласувајќи дека ваквото однесување е срамно, посебно затоа што станува збор за донација. Според Маркоски, станува збор за конструкција на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, која била спроведена од страна на министерот Наќе Чулев.

„Кога дојде полицијата, во магацинот бевме целосно забарикадирани, по што ја стопираа работата. Ни побараа дозволи за движење и откако им ги покажавме, ни ги одзедоа. Неколкупати прашав што се случува, но немаа објаснување. Сметам дека ова има политичка заднина. Производите се донација од семејството Заеви, како волонтери сме зачудени од потребата за упадот. Ни кажаа да одиме во станица, а јас им реков дека стоката може да се расипе ако остане надвор. Бевме повикани во станица и не испрашуваа до 4 часот наутро“, изјави Марковски, пренесува „а1он“.

Засега нема одговор од МВР по чие барање е спроведена акцијата во Струмица во која биле приведени волонтери кои пакувале хуманитарни пакети наменети за социјално загрозени семејства од Дојран, Радовиш, Гевгелија, Конче, Прилеп, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.

Translate »