Венко Филипче: „На почетокот на следната недела ќе почнат со работа угостителските објекти“

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска со почеток во 15:30 часот одржа уште една прес-конференција.

новозаболени од Ковид-19, 441 активни случаи, 1 починат и 47 оздравени е билансот од изминатите 24 часа, изјави министерот.

Тој нагласи дека повеќе од 50 здравствени работници од Куманово со по два негативни тестови веќе се вратени на своите работни места.

Филипче на прес-конференцијата соопшти дека утре ќе има состанок со директорите на клиниките за постепено враќање на работата во нормала, со мали измени. Се отвора нова улица меѓу Хирургија и Стоматологија, и пат кој директно води до Ургентниот центар.

„Категорички ги отфрлам наводите за евентуална злоупотреба со тестовите. Утрово имавме состанок со Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје за подготовка на нов, надграден план за скрининг, за тестирање на граѓани кои се во одредена група која би можела да биде засегната од корона вирусот. Тестиравме пациенти кои имаат симптоми, а бројот на активни пациенти во земјава значително се намалува“, изјави Филипче.

„Во однос на градинките, утрово и за тоа дискутиравме на Комисијата за заразни болести. Сè уште траат консултациите, а за истите ќе бидат известени и самите градинки за да се изготви посебен протокол. Свесни сме дека е навистина тешко, голем предизвик е затоа што децата се најголеми трансмитери и многу е тешко некои правила да се применуваат во градинките. Сакаме да донесеме план што навистина ќе може да се спроведе. Дозволете во наредните денови кога планот ќе биде готов да кажеме кога и на кој начин градинките ќе почнат да работат“, рече министерот.

Филипче појасни и за прашањето кое ги засега угостителите, односно кога ќе почне сè да се враќа во нормала.

„Направени се протоколите за функција на угостителските објекти. Доставени се до економските субјекти кои веќе се изјаснија за своите мислења кои се разгледуваат. Се очекува до крајот на неделава и од почетокот на следната недела тие да можат да се применуваат. По препораките ќе почнат со работа оние кои ќе организираат шалтерски систем, и оние кои ќе можат да почнат со примена на протоколите на отворен и на затворен простор. Верувам дека во периодот кој следи и до крајот на годината (сè додека не излезе вакцината) – ќе се придржуваме до светото тројство: маска, задолжителна дистанца и дезинфекција на раце“, најави министерот за здрвство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Translate »