Терорист на ИСИС планирал напад на Камп Ноу во Барселона: Неговиот план го расипала пандемијата

На интернет покажувал поддршка за Исламската држава и омраза кон западните земји, а наводно ветил и верност на новиот лидер на таа терористичка група.

Терористот на ИСИС, кој бил уапсен минатата недела во Барселона, наводно планирал да изврши напад на фудбалски натпревар меѓу Барселона и Реал Мадрид на стадионот Камп Ноу, пренесува “Russia Today”. 

Шпанските медиуми, цитирајќи неименуван извор во антитерористичката полиција, тврдат дека мароканскиот државјанин бил уапсен во петок, на 8-ми мај и дека планирал да убива фудбалски навивачи на Камп Ноу, но неговата идеја ја расипала пандемијата на коронавирусот. Шпанија поради пандемијата вовела блокада ширум земјата и ги одложила сите спортски настани.

Судијата наредил осомничениот да се затвори додека чека судење поради обвинение за промовирање на Исламската држава и поттикнување на тероризам.

Тој бил уапсен од шпанската разузнавачка служба, “SIGC”, со помош на Генералниот директорат за територијален надзор на Мароко и “FBI”.

Според пишувањето на “La Sexta”, осомничениот планирал да изведе напад на Камп Ноу со помош на дрон, но властите уште не го пронашле уредот. Сега истражуваат дали тој човек се обидувал да набави експлозив.

Уапсениот Мароканец, како што се известува, бил опседнат со екстремни видео-записи кои ги гледале и споделувале следбеници на ИСИС.

Се верува дека му ветил верност на новиот лидер на групата, Абу Ибрахим ал-Хашими ал Кураши, а во последните четири години бил подложен на радикализација на интернет и одржувал контакт со сонародник кој се бори за ИСИС во Сирија.

Осомничениот наводно на социјалните мрежи покажувал поддршка за ИСИС и омраза за западните држави.

Уапсен бил откако ја прекршил блокадата воведена поради пандемијата, а бил следен во последните неколку месеци поради сомнителни активности на интернет.

И покрај блокадата поради коронавирусот ширум светот, се случиле неколку напади во текот на пандемијата во Европа, посебно во Франција, но зголемената будност на властите спречила поголеми инциденти.

Шпанските служби за безбедност во април во Андалузија уапсиле уште еден високорангиран борец на ИСИС и неколку негови соучесници.

Translate »