СЗО разоткрива заташкување на коронакризата во Кина во шокантни размери
Светската здравствена организација прилично се мачела од кинеските власти да ги добие потребните информации во критичните рани денови од ширењето на коронавирусот. Кина дури на 20-ти јануари призна дека коронавирусот е заразен, а на 30-ти јануари СЗО го прогласи за глобална опасност.
Ова го покажаа снимките од интерните состаноци кои се во контрадикција со претходните пофалби кои од СЗО ги упатија до Пекинг за нивната реакција и справувањето со заразата.
Снимките од состаноците до кои дошле новинарите на “Associated Press” откриваат дека високи функционери на СЗО на 6-ти јануари се жалат дека Пекинг не ги открива податоците потребни за да се процени ризикот кој вирусот го претставува по целиот свет.
Првиот човек на СЗО во Кина, Гауден Галеа на една од снимките вели: „Моментално сме во ситуација да добиваме информации 15 минути пред тие да се појават во медиумите“.
Овој извештај пристигнува за време на растечкото незадоволство на меѓународната заедница поради кинеската реакција на пандемијата на коронавирусот кој досега ширум светот уби над 375 илјади луѓе.
„Нашите лидери и вработени ден и ноќ работеа и ги следеа правилата и регулациите на организацијата за да ги споделиме сите информации со сите држави членки и подеднакво да водиме искрени и отворени разговори со владите“, накратко прокоментираа од канцеларијата на СЗО во Пекинг, притоа не давајќи коментар конкретно за протечените снимки.
На почетокот на јануари, Мајкл Рајан, шеф на СЗО за итни случаи изјави на еден од состаноците дека се плаши дека ќе се повтори епидемијата на САРС од 2002-ра година кога кинеските власти на почетокот заташкуваа.
„Ова е целосно еднакво сценарио, неуморно се обидувам да добијам информации од Кина за тоа што всушност се случува. СЗО тогаш едвај се извлече со оглед на недостатокот на транспарентност во јужна Кина“, изјави Рајан.
Предупредувањата и извештаите за „мистериозниот вирус“ кој наликува на САРС започнаа да протекуваат од Вухан уште во декември минатата година, но набрзо потоа тие исчезнаа. На 9-ти јануари кинеските државни медиуми открија дека новата болест е резултат на нов коронавирус, но дека не е заразна.
Дури две седмици подоцна кинеските власти признаа дека вирусот е заразен, а во меѓувреме болниците започнаа да се полнат со пациенти. Кинеските власти го затворија Вухан на 23-ти јануари, но дотогаш околу 5 милиони луѓе го напуштиле градот и отпатувале насекаде низ Кина и ширум светот.