Лекарката во чија смена починаа 4 бебиња е казнета со 30 отсто помала плата

Шест месеци да зема 30 отсто помала плата и шест месеци да работи само прва смена под надзор на друг специјалист, е одлуката на дисциплинската комисија на Клиниката за гинекологија за лекарката педијатар која била дежурна ноќта кога четири новороденчиња починаа на ГАК пред околу три недели, дознава Плусинфо.

Освен тоа, дисциплинската комисија одлучи да и биде одземена и субспецијализацијата за неонатологија.

Одлуките на дисциплинската комисија се резултат и на втората дисциплинска постапка која паралелно со првата се водеше за педијатарката, затоа што вечерта кога починаа четирите бебиња, таа не присуствувала во операциската сала ниту на екстракција на новородено бебе од 28 недела.

Комисијата за стручен надзор од Министерството за здравство, пак, утврдила дека не е направена стручна грешка од страна на лекарката во врска со смртта на четирите новороденчиња, кои биле со ниска гестациска возраст, односно предвремено родени или со претходно констатирани мултиоргански засегања и застој во растот.

И покрај овие одлуки, засега нема информации каква одлука за суспендираната лекарка ќе донесе директорката на Клиниката за гинекологија, Викторија Јовановска, која има право да ја преиначи одлуката на дисципинската комисија, односно да и даде отказ на педијатарката.

Одредени медиуми неофицијално објавија дека лекарката педијатар во време на дежурство ја напуштила клиниката во 15.30 часот, а смртта на првото бебе се случила во 15.45 часот, па се појавила дури откако и било јавено дека починало бебето.

Лекарката, исто така неофицијално, е сопруга на гинекологот против кого е покрената кривична пријава бидејќи девет месеци лажел пациентка дека е бремена. И тој е суспендиран од ГАК

Plusinfo.mk

 

Translate »