КАКО АНГЕЛА ГО ПОБЕДИ КОВИД-19: ПОТРЕБНИ СЕ ВОЛЈА, ИСТРАЈНОСТ И ПОЗИТИВНИ МИСЛИ

21-годишната Ангела раскажува за своето искуство како го победила смртоносниот вирус ковид-19.

-Додека се лекував од ковид-19 имав многу позитивно искуство со матичниот лекар, епидемиологот и екипата од Институтот за јавно здравје. Бевме во постојан контакт буквално 24 часа во денот. Ми беше дадена соодветна терапија, се следеа промените во симптомите и потоа моето оздравување. Навремено ни беа земени брисевите и ни беа соопштувани резултатите. За секоја пофалба е она што го работат овие луѓе во овие моменти- вели Ангела.

Нејзината порака до сите пациенти е да даваат точни информации и да имаат постојан контакт со лекарите, епидемиолозите со чија помош и совети многу полесно ќе ги пребродат лошите симптоми.

-Потребни се волја, истрајност, позитивни мисли, но и прифаќање на сериозноста на ситуацијата со цел да ги заштитиме и блиските околу нас. Доколку сум потенцијален донор и ги исполнувам условите би била среќна да помогнам во процесот на лекување на заболените- рече 21 годишната Ангела, пациентка која на 14 јуни и беше потврден вториот негативен контролен тест за коронавирус.

Министерот за здравство, Венко Филипче на својот Фејсбук го сподели нејзиното животно искуство со ковид-19, при што повторно упати апел до граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита.

-На Ангела и посакувам брзо враќање со секојдневните активности. Апелирам до сите граѓани да се придржуваме до трите главни мерки за заштита – носење заштитна маска, одржување физичка дистанца и често миење на рацете- напиша актуелниот министер Филипче.

Translate »