Уште 9 починати и 90 заболени од ковид-19: пациентите ќе се лечат со „Фавипиравир“ донација од Јапонија

Преку итна помош, денеска со донација на јапонската амбасада, го добивме лекот Фавипиравир (авиган), наменет за лечење на 100 пациенти. Тоа е антивурсна терапија која во Јапонија се користи за третман на инфлуенцата иако не е одобрен да биде специфичен лек за ковид-19, веќе дава многу добри резултати во повеќе земји во светот информира на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

– Генеричките форми се веќе одобрени во Русија и во Индија. Лекот се препишува после строга индикација и после бројни анализи на крвта кои го детектираат имунитетот на пациентот, а кои се прават кај нас – рече министерот.

Тој повторно апелира до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита со цел да си помогнат себеси, на своите најблиски и на сите вработени во здравствениот систем.

– Анализите на Институтот за јавно здравје покажуваат дека најзастапена е возрасната група над 60 години, со 24 отсто. Но, никој не е имун и не е поштеден од вирусот бидејќи заразени има од сите возрасти. Во однос на смртните случаи, најмногу се оние над 60 години – додаде тој.

На состанок со членовите на Комисијата за заразни болести, утрово било разговарано за дополнително попуштање на мерките, со кои сега е забранета работата на повеќе економски оператори. Ќе биде предложено да се отворат казината, автомат клубовите, како и да профункционира јавниот превоз во Тетово. Кон крајот на неделава ќе биде предложено да се отворат и теретаните и фитнес центрите во државата.

– Елидемијата е во полн ек. По правилата ќе се функционира подолг период, не само оваа, туку и наредната година. Направивме многу за да одговориме на овој светски здравствен предизвик. Не смееме да дозволиме да го деградираме трудот на сите кои се во првите борбени линии. Вирусот е тука, мерките мора да се почитуваат. Исто така и партиите не смеат да дозволат кампањата да биде ризик за граѓаните – истакна Филипче.

Според последните бројки, во последните 24 часа се направени 665 тестирања, а регистрирани се 90 нови случаи на ковид-19. Починати се девет лица, петмина од Скопје, двајца пациенти од Тетово, еден од Охрид и еден пациент од Гостивар.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 5.196, бројката на оздравени пациенти е 1.974, на починати е 247, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.975 пациенти.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 13 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 106 пациенти. На кислородна поддршка се 49 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација. Во монтажната болница се хоспитализирани 11 пациенти, во болницата во Козле еден возрасен пациент, позитивен на ковид-19.

До утрово, во ГОБ „8 Септември“ примени се 12 нови, а вкупно хоспитализирани 132 пациенти. На респираторна машина се шест пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 33 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 20 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 76 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.

Министерот кажа дека досегашната анализа покажува дека бројот на новозаразени пациенти во Скопје опаѓа, но неизвесно е дали тој тренд ќе продолжи заради бројните фактори кои влијаат.

– Смртноста многу ја анализиравме, посебно последните денови. Огромен број од починатите лица се повозрасни, постари пациенти и огромен процент се со поголем број на претходни здравствени хронични состојби. И во тие одделенија за интензивна нега се прави сè за овие пациенти. По консултациите со анестезиолозите, специјалистите, интензивистите, сите механизми и сите лекови се на располагање, но за жал, заради тешка форма на болеста, имаме голем број на починати – рече Филипче.

За отварањето на границите потенцира дека треба да се има регионален пристап. Начинот на поминување граница, дали ќе се бараат тестови, колку сето тоа ќе биде спроведливо, ќе бидат прашања што ќе бидат разгледувани допрва.

Translate »