Триесетгодишен британски државјанин вчера попладне бил уапсен од полицијата откако бил забележан како неовластено се движи во кругот на касарната „Илинден“ во Скопје, информира Министерството за внатрешни работи.

Според МВР, вчера во 16.20 часот, во полициската станица Карпош пристигнало известување од касарната „Илинден“ дека е забележано лице, странски државјанин, како неовластено се движи во кругот на објектот. Тој бил приведен од воената полиција и било утврдено дека станува збор за К.Р.Џ. (30) од Њукасл, Велика Британија.

Поради сомневање за сторено кривично дело неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени средства, полициски службеници го лишиле од слобода британскиот државјанин, велат од МВР.