Важноста на ревизорите и сметководителите за развојот на една компанија!

Тивки и вредни, луѓето кои работат сметководство и ревизија, можеби не толку популарни, но сепак се една од најважните алки во секоја компанија. Работат со бројки и податоци, прават различни анализи и пресметки, споредби и компарации со цел да креираат прецизни финансиски извештаи и да им помогнат на извршните менаџери да донесат одлуки поврзани со работата и развојот на компанијата.

Сметководството е старо илјадници години, се развивало со развојот на компаниите, а согласно потребите и барањата на бизнисите.  Несомнено денес развојот на една компанија е незамислив без да се има добар сметководител, екперт за финансии, надворешен ревизор и професионален внатрешен ревизор (во поголемите компании и банки), кои што се воедно и најдобрите  советници на теми поврзани со даноците и финансиите. Тие обезбедуваат информации потребни за носење одговорни менаџерски и оперативни одлуки, како и информации за постојните и потенцијалните акционери и други сопственици на капитал, банки, финансиски аналитичари и економисти, како и за надлежните државни органи.

Сметководителите се грижат да се работи согласно сметководствените и даночните прописи, додека ревизорите го проверуваат нивното работење, така што тие се т.н. „јазик на бизнисот” оние од чии информации зависи секоја деловна одлука.

Сметководителите и ревизорите имаат исклучително одговорна работа, бидејќи финансиските извештаи се многу структурални и подлежат на многу правила, односно законски прописи и меѓународни сметководствени стандарди, и се подложни на чести измени, дополнувања, а сето тоа треба да го знае еден сметководител. Ревизорите пак, не се само ревизори на финансиските извештаи, туку врвни професионалци чие акумулирано знаење во делот на сметководството, даноците и финансиите е причина тие да бидат барани партнери во делот на советувањата за корпоративните финансии, структуирањето на финансиски трансакции, преговорите со странски инвеститори, спојувања и превземања, реорганизации на компании и т.н.  Извештаите кои тие ги креираат се потврда дека компанијата работи согласно законските прописи, што е и основа за се друго па и за соработка со странски партнери. Одговорноста на ревизорите е посебно голема кај компаниите кои котираат на берза (т.н. друштва од јавен интерес) бидејќи одлуката на секој еден инвеститор за инвестирање во одредени акции се темели на финансиските извештаи потврдени од независен ревизор.

Професионалните сметководители и ревизори треба постојано да го следат брзиот развој на технологиите, општествените промени, измените во законските регулативи, и сето тоа задолжително да го имплементираат во евиденциите и финансиските извештаи. Од сметководителите, ревизорите, лицата одговорни за финансии се бара континуирана стручна едукација, професионално усовршување, но и адаптирање на новите потреби и трендови. Ако промените брзо се прифатат, компаниите ја зголемуваат својата усогласеност со прописите, со што директно се намалува деловниот ризик, а тоа на долг рок влијае и на развојот на целата економија” смета Претседателот на Комисијата за смеководствени стандарди при Институтот на овластени ревизори на Република Македонија -г-дин Игор Митевски.

Брзите промени неминовно бараат стекнување на нови стручни и научни знаења. Улогата на сметководителите и ревизорите е од исклучително значење, сметаат од Институтот на овластени ревизори на Република Македонија кои организираат и спроведуваат континуирано професионално усовршување.

ИОРРМ е основан во 2006 година со основна цел промовирање на високи професионални стандарди и подобрување на квалитетот на ревизорските услуги. Издава уверение за ревизор, спроведува обуки и врши контрола на квалитетот на сите членови на Институтот.

Translate »