Совети од д-р Дејан Докиќ – Како да се заштитите во сезона на вируси?

Се наоѓаме среде првата сезона на вируси во ерата на Ковид-19, а тоа значи дека претпазливоста и грижата за личното здравје оваа година треба да бидат засилени, со цел да се заштитите себеси и луѓето околу вас. Луѓето од ризичните категории, како и здравствените работници, но и луѓето од повозрасните старосни групи се први на удар во сезоната на вируси, доколку не се заштитени. И додека ја чекаме вакцината за Ковид-19, која е изгледно дека нема да пристигне пред пролетта 2021 година, вакцината против сезонски грип (инфлуенца) веќе постои и е достапна за масовна употреба.

Секоја година луѓето од ризичните категории се соочуваат со нова опасност во сезоната на вируси. Но, и покрај тоа што постои начин да обезбедат поголема заштита за своето здравје, сепак голем дел од нив воопшто не ја примаат вакцината против сезонски грип. Недоволната информираност, малиот број податоци, сомничавоста во однос на вакцините и ниското ниво на едукација придонесува за малиот број на вакцинирани граѓани – а тоа значи дека заканата од вирусот во зимската сезона се шири побрзо и нејзините ефекти можат да бидат посериозни од обично.

Она што е различно во оваа сезона на вируси, за разлика од сите претходно, е присуството на вирусот Ковид-19 и ефектите кои тој ги имаше на начинот на кој го живееме животот, општиот имунитет, но и на медицинската нега која може да ни се понуди во моментов. Капацитетите на болниците се веќе во голема мера исполнети, а медицинскиот персонал работи напорно и секојдневно, што значи дека грижата за пациентите со полесни форми на заболувања е отежната и често не е главен приоритет. Поради тоа, важно е во следниот период да се заштитите за да ја избегнете потребата од медицинска нега. Примањето на вакцина против сезонски грип е најдобриот начин да го направите тоа.

Современата медицина ги испитува сите начини на кои може да го подобри колективното здравје, а вакцината против сезонски вируси е нешто што е глобално прифатено како најдобрата форма на заштита во зимските месеци. Вакцината е совршено безбедна за употреба кај сите луѓе од било која возраст, а нејзината ефикасност ја гарантира фактот што секоја година нејзината формула се ажурира за да одговори на актуелните закани и различните мутации на вирусот.

„Вакцините против сезонски грип се безбедни. Пред да биде одобрена нејзината примена кај населението, таа ги поминала сите фази на испитување од страна на надлежните институции во однос на нејзината сигурност, безбедност и ефикасност. Употребата на оваа вакцина во изминатите 60 и повеќе години и позитивните ефекти од таа примена кај милиони вакцинирани лица, ја вбројуваат во редот на безбедни и сигурни за употреба вакцини“, вели пулмологот д-р Дејан Докиќ во интервјуто за Радар. За да прочитате повеќе, посетете го следниот линк: https://radar.mk/?p=40995

Министерството за Здравство на Северна Македонија веќе набави од најквалитетните четиривалентни вакцини на пазарот, кои се произведени од француската фармацевтска компанија Санофи Пастер. Приоритет за вакцинација обично се луѓето од старите возрасни групи, ризичните категории граѓани, социјално загрозените граѓани, како и децата и трудниците. Но, доколку сте заинтересирани за вакцинирање против сезонски грип (инфлуенца), можете да се консултирате со вашиот матичен лекар и преку него да закажете вакцинација. Останате безбедни во сезоната на вируси. Заштитете се себеси, но и вашите најблиски, со вакцина против сезонски грип.

Translate »