Македонија за 50 години ќе го достигне европскиот стандард на живеење
На Македонија и се потребни до 50 години за да го достигне стандардот на живеење како во Европската Унија. Според Европската банка за обнова и развој Македонија и земјите од Западен Балкан имаат огромен проблем со корупцијата, бавни реформи, финансиска нестабилност и проблематична демографија. Исто така регионот се соочува со низок степен на раст на бруто домашниот производ на годишно ниво, а во одредени земји тој или стагнира или бележи негативни стапки.
Еден од главните проблеми на Македонија е слабата компетитивност на економијата споредено со економиите од ЕУ. Ваквите недостатоци ги нотираше и Комитетот за надворешни работи на Британскиот парламент.
„Проблемите со кои се соочува Западен балкан имаат длабоки корени. Патот до европска интеграција ќе биде долг и нема гаранции за успех. Од витално значење е Велика Британија и партнерите од ЕУ и НАТО да ја продолжат посветеноста на регионот, но мора да ги препознаат тешкотиите и ризиците кои се вклучени, како и да прифатат дека ќе треба многу долго време за да се направат суштински разлики“, се вели од Комитетот за надворешни работи – Британски парламент.
Извештајот на британските парламентарци има навистина загрижувачки тон кога е во прашање Русија и нејзините намери за стопирање на интегративните процеси на Балканот. Особено се истакнува и можноста за рушење на преспанскиот договор за името меѓу Македонија и Грција. Затоа партнерите од НАТО мора сериозно да се заложат да ја сопрат руската агресија.
Британија и покрај Брегзитот во заклучокот на извештајот наведува дека ќе обезбеди блиски врски со Македонија и земјите од Западен Балкан на билатерално ниво со цел задржување на стабилноста во Европа.