Најмалите се најголеми жртви на пандемијата: Пораснал бројот на сиромашни и тепани деца
И покрај мерките на Владата да се амортизира социо-економското влијание на пандемијата на ковид-19, се проценува дека дополнителни 16.000 деца во Македонија живеат под прагот на сиромаштијата. Освен тоа, има повеќе пријави за деца што се жртви на семејно насилство, како и поголем број деца што се во ризик уште повеќе да заостанат со учењето. Проценките се потпираат на анализата на истражувачите во студијата „Социјалните и економски ефекти од КОВИД-19 врз децата во Северна Македонија“ што денеска ја презентираа УНИЦЕФ во партнерство со „Фајнанс Тинк“ и УСАИД.
„Иако се чини дека во споредба со возрасните, децата и младите имаат помала веројатност да се разболат од вирусот, пандемијата на КОВИД-19 има огромно влијание на начинот на кој тие учат, на начинот на кој нивните семејства заработуваат за да ги задоволат потребите и на тоа колку се чувствуваат сигурни во домовите и заедниците/средината во која живеат“, вели Патриција ди Џовани, претставничка на
УНИЦЕФ.
Амбасадорката на САД во државата, Кејт Мари Брнз, е на став дека од суштинско значење е да го разбереме влијанието на КОВИД-19 врз младите за да може заедно да најдеме најдобар начин за намалување на последиците.
„Преку нашето партнерство со УНИЦЕФ и тесната соработка со Министерството за здравство и другите одговорни владини тела да помогнеме да се идентификуваат овие предизвици и да се пронајдат најдобри начини за да се одговори на нив“, рече амбасадорката.
Од проценката, еден од главните заклучоци е дека и покрај владините мерки, се проценува дека уште 16.000 деца веројатно живеат под прагот на сиромаштија поради загуба на работните места и приходите на родителите во домаќинството. Се проценува дека релативната стапка на детска сиромаштија ќе се зголеми од 29,3 на 33,3 отсто.
„Според извештаите, домашното насилство се зголемило за време на забраните на движење и полициските часови, а децата се речиси 10 проценти од жртвите. Иако образовниот систем се префрли на учење на далечина непосредно по затворањето на училиштата и градинките заради пандемијата, се увиде дека не сите наставници имаат доволно познавање од информатичката и комуникациската технологија за да планираат и спроведат учење од далечина. Уште еден од заклучоците е дека иако немаше прекин во рутинските здравствени услуги, се забележа застој во пристапот до болничка нега на новороденчињата, децата и мајките, главно поради помалата побарувачка од неургентни услуги поради страв од зараза, а не поради намалена понуда на услуги. Кај буџетските програми што имаат допирни точки со децата се забележа кратење и покрај благото зголемување на вкупните владини расходи при мајското дополнување на буџетот. Беше забележано кратење кај инклузивните образовни програми, со што на учениците и учителите им стана уште потешко да се прилагодат на промената кон учење на далечина“, стои во соопштението од УНИЦЕФ.
Марјан Петрески, главен аналитичар во „Фајнанс Тинк“, кажа дека најсиромашните и најранливи членови на општеството се најзасегнати од пандемијата.
„Од студијата откриваме дека треба навистина да се загрижиме за благосостојбата на децата, главно во однос на начинот на кој им се сменија животите од корен. За новата влада ќе биде важно конкретно да мисли на децата кога ќе ги осмислува мерките во иднина. Децата во земјата мора да бидат важна компонента на закрепнувањето од ковид-19 за да постигнеме поодржлива и поинклузивна економија и општество“, рече тој.
Во однос на препораките за новата Влада, стои дека таа треба на сите деца да им овозможи продолжување на образовниот процес со тоа што со мерките што ќе се преземат во здравството и образованието ќе се земе предвид долгорочното влијание на прекинатото учење, со осмислување план со кој од септември 2020 година ќе се обезбеди сите деца да учат на училиште или да имаат на располагање унифициран пристап за учење од далечина, или комбиниран пристап за учење од далечина
и во училница.
Второ, треба да се поддржат семејствата да ги задоволат потребите и да обезбедат нега за децата со тоа што ќе продолжат да се спроведуваат мерки за социјална заштита, како што се паричните права и поддршката за храна и исхрана кои се насочени конкретно на најзагрозените деца, на пример на домаќинствата со три и повеќе деца.
Трето, да се заштитат децата и жените од насилство, експлоатација и злоупотреба со тоа што ќе се сведат на минимум пречките во работата на Центрите за социјална работа и другите суштински заштитни служби, бидејќи со кризата уште повеќе излезе на виделина постојниот јаз меѓу помалку и повеќе ранливите домаќинства.
И четврто, треба да се одржи здравјето и да се обезбедува добрата исхрана на децата и бремените жени со тоа што ќе се сведат на минимум пречките во работата на рутинската здравствена нега, со воведување дополнителни мерки за да се зајакне довербата во јавноста и побарувачката на услуги, меѓу кои и поддршката за одржување ментално здравје.