Зоран Јовановски го споредува новиот прв финансиер Бесими како „небо и земја“ – кој е небото, а кој е земјата
Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанска комора на Македонија за економски прашања, и некогашен потпретседател на СДСМ, денеска имаше многу интересен статус на фејсбук.
Тој следува по интервјуто кое за МИА го даде новиот министер за финансии, Фатмир Бесими.
„Денес на МИА има интервју со Фатмир Бесими, новиот министер за финансии. Човек не треба да е многу стручен за да направи ‚небо и земја’ споредба“, нашиша Јовановски.
Се поставува прашањето на кого мисли Јовановски кога ја прави небо и земја споредбата. Кој е небото, а кој земјата.
Дали мисли на досегашната министерка за финансии Нина Ангеловска, не е јасно. Тоа ќе треба да го каже самиот Јовановски. Или, пак, можеби на некој од другите претходници на Бесими во жешкото министерско столче во Финансии, на пример на Драган Тевдовски.
На овој пост има и реакции. Тони Кушевски му коментира на Јовановски.
„Јовановски, простете што ќе забележам, ама голема вина имате сите Вие старите кадри шо така брзо се откажавте, така речи без борба! Знам дека знаевте што следува и што ќе се случува на политички план, сепак ми се чини дека ако ве имаше Вас, Шема, Бендевска, Ана Павлова Данева, Софија и ред други, партијата немаше да биде на ова дереџе, а ни државата!“, пишува овој партиски член.
Новинарот Горан Теменугов, пак, забележува. „Ама си ги испофали своите претходници и претходнички. Патем, добар дел од тоа што тие го зборуваа, тој го повтори, но во малку разубавена форма“, реагира Теменугов.
А интересна забелешка има Никола Поповски, сегашен универзитетски професор, а поранешен министер за финансии и долгогодишен поранешен партиски функционер во СДСМ.
„Зоран, во право си. Фатмир е стручен и тука нема што да се забележи. Но имам впечаток дека економската и фискалната политика на МФ остануваат идентични како и досега. Целосно. Никакви промени на веќе почнатите и зацртани насоки. Единствена новина е фискалниот совет, ако се усвои. Но тоа е техника. Суштина, на пример, би било воведување фискални правила и тоа цврсти, и други такви мерки. Во секој случај ќе почекаме 100-тина денови да го заокружиме впечатокот. Ајде на ова тема една Тркалезна маса со 7-8 говорници и 20-тина слушатели во организација, на пример, на E&B i FES? Чисто експертска дебата“, пишува некогашниот прв финансиер Поповски.