ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО ВАШИОТ ОРГАНИЗАМ ДОКОЛКУ ВО ИСТО ВРЕМЕ „ФАТИТЕ“ КОВИД-19 И ГРИП?
Лекарите се повеќе се загрижени за таканаречената „епидемија на близнаци“ од Ковид-19 и грип, што може дополнително да ги оптовари здравствените системи, додека луѓето се соочуваат со уште една можност – истовремено да се борат против двата вируси, пишува Си-Ен-Ен.
– Сигурно е дека можете да добиете грип и Ковид-19 истовремено, што би било катастрофално за вашиот имунолошки систем – истакнува д-р Адријан Барос од Флорида.
Покрај тоа, инфекцијата со еден вирус го прави телото поподложно на болести од друг.
– Откако ќе се заразите со грип или некој друг респираторен вирус, тоа го ослабува вашето тело. Одбраната паѓа и ве прави подложни на добивање на друга инфекција згора на тоа – вели епидемиологот Сима Јасмин, директор на Здравствено комуникациската иницијатива во Стенфорд.
Одделно, и Ковид-19 и грипот можат да ги нападнат белите дробови, да доведат до воспаление, течност во белите дробови или откажување на нивната функција, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Секоја од болестите може да предизвика и сепса, да го оштети срцето и да предизвика воспаление на срцето, мозокот или мускулното ткиво.
„Имањето на двете болести во исто време ќе го зголеми ризикот од долгорочни последици за кој било од овие органи“, посочи д-р Мајкл Метју, професор по медицина на Универзитетот во Калифорнија.
Сепак, како што истакнува Си-Ен-Ен, рано е да се знае точно колку би било тешко да се имаат и двете инфекции во споредба со едната од нив. Ова е особено точно за САД, каде Ковид-19 се прошири со завршувањето на изминатата сезона на грип, така што нема доволно податоци за луѓето кои ги имале обете болести истовремено. Но, Метју верува дека веројатноста за развој на пневмонија би се зголемила ако двата вируси го нападнат телото.
– Два вируси заедно дефинитивно можат да направат поголема штета на белите дробови и да предизвикаат повеќе проблеми со дишењето – посочува тој.
Д-р Леонард Мермел, директор на Одделот за епидемиологија во болницата „Род Ајленд“, истакнува дека симптомите на грип и Ковид-19 се прилично слични, па затоа е тешко да се разликуваат.
Тука се вклучуваат треска, кашлица, отежнато дишење, замор, болка во грлото, болки во телото и затнат нос или течење на носот. Некои може да имаат и повраќање и дијареја, иако ова е почесто кај децата отколку кај возрасните. Но, за разлика од грипот, Ковид-19 предизвикува губење на чувството за вкус или мирис.
Си-Ен-Ен потсетува дека околу половина од пренесувањето на коронавирусот се одвива помеѓу луѓе кои немаат никакви симптоми, па затоа најдобриот начин да откриете дали имате нов коронавирус, грип – или и двете – е да се тестира.
Како, сепак, да се избегне оваа двојна опасност?
Здравствените експерти укажуваат на важноста од носење маски и одржување на физичко растојание.
– Со претстојната сезона на грип, ваквите мерки можат да не заштитат од двата вируса – посочува д-р Јасмин.
На јужната хемисфера, каде што поминува зимата заедно со сезоната на грип, неколку земји објавија неверојатно мал број случаи на грип, како резултат на носење маски и одржување на растојание поради пандемијата на коронавирусот.
Во Австралија, бројот на лабораториски потврдени случаи на грип падна од 61.000 во август 2019 година, на само 107 случаи во истиот период оваа година. Но, жителите на САД и другите земји почнаа да се релаксираат кога станува збор за носење маски и други мерки, што според д-р Џин Марацо, директор на Одделот за инфективни болести на Универзитетот во Алабама, е „голем проблем“.
– Совршена бура на забрзана активност на Ковид-19 може да се создаде кога луѓето се повеќе се собираат во затворен простор, особено затоа што веќе се уморни од носење маски, држење дистанца и миење раце и како што се изложени на сезонски грип – истакнува таа.
Вакцинацијата против грип може да звучи како јасно решение за некои, но многу луѓе ја игнорираат. Си-Ен-Ен наведува дека околу половина од Американците не се вакцинираат против грип, вклучувајќи ги и повеќето деца кои починале како резултат на оваа инфекција.
Ако се вакцинирате и сепак подоцна добиете грип, симптомите обично ќе бидат поблаги отколку ако не сте ја примиле вакцината. Бидејќи сè уште нема јавно достапна вакцина против Ковид-19, вакцината против грип сега е единствениот начин да се заштитите од можноста да бидете нападнати од двата вируси истовремено.
Американските педијатри советуваат децата на возраст од шест месеци и повеќе да бидат вакцинирани против грип, идеално пред крајот на октомври.