Извршителите повторно во акција, граѓаните разочарани што владата не ја стопираше нивната работа!
Граѓански здруженија и независни синдикати се разочарани што во новиот пакет мерки на владата не е стопирано извршувањето. Парите кои ќе ги добијат од државата или поголем дел од нив ќе бидат повлечени од извршителите, а со тоа никаква помош нема да видат најранливите категории на граѓани, вели за Денар Марјан Ристески претседател на Конфедерацијата на Синдикални Организации на Македонија.
Од здружението „Стоп за грабежот“ активистката Ана Глигорова вели дека првично мора да се поздрават мерките кои ги донесе владата за ранливите категории и сиромашните граѓани, но не и е јасно зошто не е опфатен баш сегментот кој како што вели е канцероген и трае во Македонија повеќе од 15 години. Според неа тоа е сегментот на извршување токму на ранливите категории граѓани. И експертите, но и борците за подобар живот на сиромашните сметаат дека ранливите категории заслужуваат повеќе во ова кризно време.
Се донесе новиот пакет мерки но власта не се сети овој пат да ја стопира работата на извршителите, се жалат граѓаните. Во самиот круг на извршување само извршителите се тие кои ги гледаат граѓаните, а тоа почнува од доверителот преку нотарот и на крајот кај извршителот, вели Ана Глигорова од здружението„ Стоп за грабежот “. Наместо работите да одат на подобро, од ден на ден се влошуваат. За спроведувањето на вонсудското извршување според Глигорова земјава не е зрела, како држава и како општество бидејќи стандардот на граѓаните не е како во западно европските земји за да може тоа да се реализира и да тече непречено, објаснува таа.
Глигорова во име на граѓаните се пожали на огромните камати кои како што вели се уште ги наплаќаат извршителите. Податоците со кои таа располага а тврди дека се официјални од Народната банка се дека во земјава има 170 илјади граѓани со блокирани сметки. Загрижувачки е тоа што најголем дел од извршителите не ги почитуваат новите правила за извршување. Најголемата мака на граѓаните вели Глигорова е тоа што извршителите им одземаат третина од приходот на должниците, а тие пак се приморани да подигнуваат нов кредит од банката за да можат да преживеат.
„Во овој период на пандемија голем дел од луѓето или земаат минималец или се блиску до минимална плата. Огромен број на граѓани земаат до 17 илјади денари плата, и една третина по стариот метод или по новиот метод на извршување кој изнесува една петтина е навистина многу. И сега тие блокираат, а со самото блокирање сега се прави неуставен потег, зошто, затоа што му се одземаат основните права на човекот, а тоа е да преживее. Тоа се коси со Декларација за човекови права и со уставот на државата. Еве пример, во петок попладне ако ви ја блокираат сметката, вие дознавате малку подоцна и два дена вие останувате без приходи. Немате пари за храна а камо ли да подмирите некоја режиска сметка“, вели Ана Глигорова.
И натаму се наплаќаат сметки стари и повеќе од петнаесет години, обвинува синдикалецот Марјан Ристески. На ваквото работење мора да му се стави крај, додава и смета дека владата веќе донесе Закон за отпис на камати но тој важи само за долгови на граѓани кон јавните претпријатија, но не и за старите долгови кои ги работат извршителите. И во тој случај граѓаните го плаќаат само главниот долг, а не огромни суми на камати кои ја надминуваат и главнината. Ристевски вели дека веќе побарале и средба со новиот министер за правда Бојан Маричиќ се со цел продолжување на преговорите за реформи и промена на правилата на работата на извршителите.
„Не ми е јасно зошто во овие 31-на мерка не се спомнуваат извршителите. Дали тоа значи дека тие повторно ќе почнат да си работат по старо, но немаме ништо конкретно. Ние како синдикат реагиравме и ќе кажам дека без корисни ќе бидат овие мерки за пензионерите за сиромашните граѓани доколку извршителите ќе продолжат да стопираат по една третина или една половина од примањата на граѓаните, а да не зборувам за ненормалните камати кои ги наплатуваат. Се надевам дека за оваа проблематика ќе продискутираме на економско социјалниот совет во владата и мора да се превземе нешто во работењето на извршителите, особено во делот на каматите.“
Освен синдикати и граѓански здруженија и дел од експертската јавност изрази незадовоство околу третманот на ранливите категории со новиот сет на економски мерки на владата. Економистот Бранимир Јовановиќ преку својот фејзбук профил отвори неколку дилеми како на пример:
„Зошто на загрозените граѓани повторно им се даваат само платежни картички од 6.000 денари, наместо да се вклучат во постојниот систем на социјална заштита и да добиваат поголема поддршка на подолг период?
Зошто од 470-те милиони евра, колку што е целиот пакет, за загрозените граѓани се само 27,6 милиони евра преку платежни картички, односно само 6%?
Зошто во пакетот нема мерка за купување таблети за учениците кои немаат услови за онлајн настава, кога за тоа би биле потребни околу 5 милиони евра, односно, 1% од целиот пакет? “
Го поздравуваме донесувањето на четвртиот пакет економски мерки и се радуваме што продолжува поддршката за ранливите граѓани. Сепак, слушајќи ги изјавите на претставниците на синдикатите, работодавачите и стопанските комори, чувствуваме дека на главните маси повторно нема место за претставници на невработените и сиромашните. Мерките кои се однесуваат за нив, повторно се креираат без нивно учество. Ова е и ставот на Македонската платформа која се бори против сиромаштијата.
„Македонската платформа против сиромаштија со години наназад апелира за неопходноста на директното учество на лицата со искуство во сиромаштија при креирањето на политиките, за да може да се направи навремена проверка дали некој е испуштен и дали предлозите гарантираат „отпорност на сиромаштија“ за сите. Истовремено предупредувавме и дека кога се зборува за сиромашните, станува збор за огромна група на наши граѓани кои во најголем број не се ниту организирани, ниту здружени за да може да имаат свои претставници преку кои би ги застапувале своите барања. Оттука секогаш бараме место за граѓанските организации како ентитети кои се најблиску до нив, кои ги вклучуваат во своето работење и кои може да помогнат во процесот. За жал, при креирањето на овој пакет најголема моќ му е дадена на социо-економскиот совет и не се направи напор и отстапка консултациите да се прошират и кон граѓанскиот сектор. Не би сакале да прејудицираме, но очекуваме, како и при реализацијата на претходните мерки да се појават аномалии и пак, оние на кои им е најпотребно да останат без ништо“, вели Билјана Дуковска.
Новите намалени тарифи и награди кои следуваат за извршителите во самиот процес на извршување според извршителите драстично им го намалил прометот, а со тоа и ликвидноста на дејноста. Извршителите на неколку пати се пожалија дека со намалените тарифи морале да отпуштаат вработени со образложение дека процесот на извршување има свои трошоци и не можат сега да ги подмират во целост. Инаку, од март до јули извршувањето беше стопирано од страна на властите со Уредба со сила на Закон и потоа од август повторно почна процесот на извршување. Јавноста се уште е гневна на извршните решенија кои беа објавени од граѓани на социјалните мрежи каде се гледа дека за неколку денари долг со камати должникот треба да плати и над 200 евра.