Видео: СÈ ПОВЕЌЕ НЕЛЕГАЛНО ИЗГРАДЕНИ ОБЈЕКТИ – НЕМА ДОВОЛНО ОПШТИНСКИ ИНСПЕКТОРИ, А ДРЖАВАТА НЕ РЕАГИРА

Нема доволно општински инспектори, државата не реагира, па узурпацијата на државно земјиште и нелегално изградени објекти расте. Во Кочани во индустриската зона за лесна индустрија, дел од компаниите сами си го оградиле просторот, па државни парцели станале дел од фабриките дворови, а сами се приклучиле и на регионалниот пат Штип-Кочани. 

Кога општината реагирала им рекле дека постапката треба да ја води Државниот правобранител. 

Во моментот Кочани нема градежни инспектори. Едниот поради здравствени причини е прераспределен, другиот е на боледување. Позицијата градежен инспектор не е доволно атрактивна за кочанчани бидејќи на општинските конкурси не се јавува никој. Генерално тоа е главоболка на сите општини. 

Никој од градоначалниците не може да објасни зошто на нивните огласи не се јавуваат фирми што треба да ги уриваат дивоградбите. Тука се заглавени најголем дел од предметите. И додека градоначалниците калкулираат со оваа непопуларна мерка, власта не се откажува од нов Закон за легализација на дивоградби. Откако обидот на почетокот на годината пропадна, а опозицијата поднесе 1.000 амандмани, истиот текст на Законот во октомври повторно се врати во Собрание. Владата предлага да се носи по скратена постапка. 

„Од страна на ЗЕЛС укажано е дека во поголем дел од единиците на локална самоуправа евидентирани се бесправни градби кои се изградени по 3. март 2011 година, објекти што не се предмет на постојниот закон и истите треба да бидат отстранети што ќе предизвика дополнителни административни постапки и трошоци за единиците на локална самоуправа“, е образложението за носење на законот.

Без регистар на дивоградби, единствена институција што ги брои нелегано изградените објекти е Државниот завод за статистика, што работи врз основа на податоците што му ги испраќаат општините.  

Лани според нив се бележат близу 1.000 нови дивоградби во државата. Во најголем дел се работи за доградби и надградби, помошни простории и летни тераси, но само 160 од нив се за домување, а 10 дивоградби се сопственост на државата. Од државните дивоградби во Штип на легализација чека некогашниот воен ресторан „Вардар“ што треба да стане дом за стари лица, а поради немање на соодветни градежни одобренија неколку години стои во фаза на карабин.

Translate »