Франкфуртер алгемајне цајтунг: Бугарското тврдење, дека постои само една „историска вистина“ не одговара на 21 век

Германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг  објаснува дека Софија на своите ЕУ партнери во август им испратиле вербална нота и меморандум во кој ги образложила своите позиции: соседната држава во сите европски документи смее да се претставува само со целосното име „Република Северна Македонија“, и во никој случај со кусата форма „Северна Македонија“.

-Бугарскиот амбасадор во ЕУ, Димитар Цанчев, веќе двапати им одржуваше емотивни беседи на своите колеги за фактот дека преговорите за пристапување во ЕУ со Република Северна Македонија, кои требаше да започнат за време на германското претседателство, можат да започнат само откако земјата ќе ги исполни посебните услови на Бугарија. Во суштина, Софија бара Македонците да признаат дека всушност биле Бугари и дека зборувале бугарски јазик, пред да станат независна нација преку еден процес на историско фалсификување. Во кругот на амбасадорите на ЕУ, настапите на бугарскиот амбасадор, оваа и минатата недела, наидоа на неразбирање и чудење. Никој не му се приклучи, ни Грците, ниту Французите или Холанѓаните, кои пред една година го блокираа почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија (и Албанија), се вели во анализата на ФАЦ што ја пренесува Дојче веле.

ФАЦ објаснува дека Софија на своите ЕУ партнери во август им испратиле вербална нота и меморандум во кој ги образложила своите позиции: соседната држава во сите европски документи смее да се претставува само со целосното име „Република Северна Македонија“, и во никој случај со кусата форма „Северна Македонија“. Второто, според Софија, може да претставува загрозување на бугарскиот територијален интегритет, затоа што и кај нив има дел од географскиот регион Македонија. Софија, понатаму, го отфрла и името „македонски“ за службениот јазик на соседот и наместо тоа бара да се користи терминот „официјален јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија“.

-Македонскиот јазик, имено, бил резултат на фалсификување на историјата во периодот кога соседот бил дел од Југославија, ги пренесува ФАЦ бугарските позиции и продолжува: „’Всушност’ во Македонија се зборувал бугарски дијалект, но Белград успеал во периодот од 1918 до 1991, да ’го сотре’ бугарскиот идентитет на Македонците. Најпрво (Белград, н.з.) ги убедил Македонците дека се ’Јужни Срби’, а потоа од 1944 година во комунистичка Југославија ги убедил да веруваат дека се самостојна нација.” „(…) Според софиската претстава, повеќе од 100.000 Бугари, кои не сакале да се декларираат како Македонци, биле убиени, уапсени, испратени во егзил или во ’концентрациони логори’.

Бугарија, пишува натаму ФАЦ, не го спори правото на граѓаните од соседната земја на самоопределување и сопствен идентитет, но бара ревизија на „заедничката историја“ и вели дека нема да прифати „лаги“ за заедничките етнички и јазички корени.

Во Брисел, наведува германскиот весник, сега се чудат зошто Бугарија не ги изразила овие забелешки уште во 2018 година, кога се решаваше спорот за името меѓу Македонија и Грција, и во ниту еден случај не сакаат да го оптоварат пристапниот процес на земјите од Западниот Балкан со идентитетски прашања.

ФАЦ објаснува дека клучната одлука, дали на Северна Македонија ќе и биде дозволено отворање на преговорите, ќе ја донесат министрите за надворешни работи на ЕУ на 10 ноември, откако претходно таа треба да биде подготвена од амбасадорите на земјите-членки. Бугарија може да ги блокира овие процеси, затоа што одлуките се носат со консензус. Затоа, Германија бара од двете земји ваквите спорови да ги решаваат билатерално и да не ги внесуваат во преговарачката рамка.

Шефот на дипломатијата Хајко Мас и министерот за Европа Михаел Рот веќе со недели работат на такво решение со тоа што телефонски разговараат со своите колеги во двата главни града. ЕУ-дипломати се воздржани оптимисти дека ќе се најде такво решение.

-Спорот за името беше решен откако Скопје соопшти дека нема никакви територијални претензии кон целиот историски регион Македонија. Притоа, од Скопје посочуваат на македонскиот устав, кој експресно ги исклучува територијалните претензии кон соседните држави и исто така наведува дека нема да се меша во внатрешните работи на другите држави. Како и да е, сепак, тие (Скопје, н.з.) се подготвени да го потврдат ова повторно одделно до сите држави на ЕУ. Што се однесува до јазикот, од Брисел се слуша дека може да се направи неутрална референца во документите на ЕУ за „соодветниот службен јазик“ без да се именува. Но, тука се допираат чувствителностите кои сериозно се сфаќаат во Брисел: Не можат други да решаваат за тоа како една земја ќе си го нарекува јазикот. Во Северна Македонија сметаат, пишува ФАЦ, дека Бугарија се инспирирала од „примерот на Атина“ и „откако Грција успеа со својот притисок, сега и Бугарите сакаат тоа да го искористат, па по името на државата, да се смени и идентитетот на населението“.

ФАЦ оценува дека бугарското тврдење, дека постои само една „историска вистина“, имено нивната, и дека таа мора да биде цврсто наведена во преговорите за членство во ЕУ, не одговара на 21 век, таквата позиција на Софија предизвикува загриженост во целиот регион.

Translate »