Баталете го IQ на детето и испратете го надвор да си игра, советува психолог
Родителството е мисија. Пат преполн со дилеми, несигурности, препреки, подеми и падови, а со една цел – да одгледате добри, сигурни, среќни и успешни млади луѓе. Звучи баш едноставно, но не е. На таа тема се напишани многу книги, па повторно можеме да кажеме дека не постои таква книга што може целосно да ве подготви за она што ве чека. Но, книгата за родителство е тука за да ви помогне во врска со самото родителство подобро да разберете, да сфатите што можете или не можете да очекувате од детето и што е најважно – да ви покажат дека она низ кое поминувате како млад родител е нормален дел од тој пат на кој растете и вие и вашето дете.
Такви книги пишува и психологот Невена Ловринчевиќ, која одговара на наредните прашања.
Дипломирала на Отсекот за клиничка психологија на Филозофскиот факултет во Белград. Во текот на 25 години клиничка практика, работела со деца и млади занимавајќи се првенствено со психодијагностика, нарушување во спиењето и превенција при емоционални нарушувања и нарушувања во однесувањето. Авторка е и водител на повеќе акредитирани семинари наменети на воспитувачи, наставници, психолози и педагози.
Што денес најмногу ги загрижува родителите и кои се проблемите на современите родители?
Не би рекла дека можеби најмногу ги загрижува, туку најмногу ги интересира: како да го поттикнат развојот на самодовербата, како да решаваат некои проблемски ситуации преку дисциплинирање, односно поставување граници на детето и слично. Родителите сакаат да се запознаат со различните воспитни стилови и да дознаат како секој од нив влијае врз развојот на детето, да дознаат нешто повеќе за техниките на дисциплинирање, да се запознаат со тоа како да го поттикнат развојот на работните навики кај детето и слично. Многу често родителите доаѓаат на работилниците секој месец, без разлика на самата тема, бидејќи разговорот го приспособувам на она што ги интересира. А не доаѓаат само родители, некогаш доаѓаат и тетки и баби.
Дали е полесно да се биде родител денес или пред 30 години? Може ли да се прави споредба?
Тешко прашање… и тешка споредба. Родителите кои пред 30 години переле и пеглале платнени пелени имале избор од два вида колички за бебето, децата ги возеле почесто со трамвај отколку со автомобил (кој немал клима), детскиот велосипед го купувале на 10 рати…Веројатно не би се сложила со тоа дека им било полесно. Но, од друга страна, денешните родители се несигурни во сопствениот авторитет, а социјалните мрежи им се дополнителен притисок бидејќи поттикнуваат споредувања и нереални барања. Па така, секое време има свои светли страни и не баш светли страни. Но, мислам дека кога и да одгледуваме дете, ако го правиме тоа најдобро што можеме, прифаќаме дека некогаш грешиме и негуваме блискост со детето – ќе бидеме доволно добри родители. Повеќе од тоа, ниту нам ниту на децата не им треба.
Книгата „Кој е газда во вашиот дом?“ говори за родителскиот авторитет и тоа како повторно може да се воспостави. Каде е границата помеѓу задушувањето на детските слободи и личности и здравиот авторитет? Кои одлуки дете од 3, 4 или 5 години може и треба да ги носи само?
Окупираноста со изразот „детски слободи“ и евентуално задушување на тие слободи може да доведе до прилична збунетост кај родителите и да ги воведе во проблеми. При работата со родителите сум се сретнала со прилично неверојатни ситуации: дека родителот смета оти детето од претшколска возраст одлучува за тоа каде семејството ќе го помине одморот, дали лицето кое го чува ќе продолжи да го чува или не и слично. Се разбира дека одлуките од ваков вид немаат никаква врска со детските слободи. Тие само говорат за целосната збунетост на родителите во однос на авторитетот. Изборите кои се ставаат пред детето на возраст од 3 до 5 години како на пример: „Што ќе јадеш?“ и „Што ќе облечеш?“, не се така упадливи, но водат кон исцрпување на родителот бидејќи се соочуваат со тоа детето да одбира едно, па друго, па трето, а потоа и ништо од понуденото. И така во круг. Таквите ситуации на долги патеки значително исцрпуваат и предизвикуваат збунетост и несигурност. За дете на таа возраст сосема е соодветен изборот: „Дали за вечера сакаш прженици или сутлијаш?“ или „Сакаш да го облечеш црвениот или синиот фустан?“
Родителите денес се распнати помеѓу две целосно спротивставени тези. Првата е – пуштете ги децата да си играат и да бидат деца, а другата – раниот развој е многу важен, што ќе направите до петтата година, сте направиле. Каде е тука всушност вистината и колку дополнителни активности и стимулации се потребни за дете од претшколска возраст и дете основец?
Како родителите да немаат доволно нови притисоци. Интересно е што на неколку години се појавува некој тренд во воспитувањето. Во однос на стимулацијата на децата, еве мој предлог за едно попладне – наместо детето да го водите на карате, па на англиски јазик, па на пливање, се нервирате за паркинг-место, ги проверувате социјалните мрежи додека чекате детето да заврши, се лутите што не ја исушило добро косата, размислувате дали IQ на детето е 103 или 123, ви го предлагам следното: детето нека излезе надвор да си игра со врсниците. Можеби ќе играат криенка, крадци и полицајци, можеби заедно ќе направат куќичка за локалното куче.
Ако сте расположени, приклучете им се на децата во партија фудбал, а остатокот од времето можете да го поминете така што ќе испиете шолја кафе, ќе направите палачинки или ќе прочитате весник. Направете им детско игралиште во дворот, и што повеќе време поминавајте надвор. По вечерата, со чинија пуканки, зборувајте за поминатиот ден. Пред спиење прочитајте му на детето сликовница. Бакнете го и покријте го за спиење. Тоа е мојот предлог.
poveke na Deca.mk