Хрватска треба да ја заштити С. Македонија од националистичкото малтретирање на Бугарија
Хрватска мора посилно да ја поддржи С. Македонија и да помогне во деблокадата на преговорите со ЕУ, вели за ДВ хрватскиот опозициски пратеник Бојан Главашевиќ. Според него, македонскиот јазик е реалност
„Почитуван господине претседател на владата, (…) дали и на кој начин ќе интервенирате за да се обезбеди дека пристапниот процес се одвива во добра волја и дека во неговите рамки Северна Македонија ќе биде заштитена од обидите на Бугарија да го злоупотреби тој процес за решавање на отворените билатерални прашања со Северна Македонија?“
Бојан Главашевиќ, независен пратеник во хрватскиот Сабор на 20 ноември минатата година, во писмена форма ова прашање му го упати на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Повод за тоа беа, како што напиша, „се почестите загрижувачки изјави на бугарски претставници кои ги оспоруваат јазикот, културата и идентитетот на Република Северна Македонија“. Настапите на Главашевиќ го хрватскиот парламент, како и неговите јавни ставови изразени преку социјалните мрежи предизвикаа големо внимание во Македонија.
Хрватска би морала да ја заштити С. Македонија од националистичкото „малтретирање“ од страна на Бугарија, а како најмлада членка на ЕУ да демонстрира солидарност со граѓаните на Македонија и нивното право на самоопределување, вели Главашевиќ за ДВ и додава:
„Солидарноста со национализмот не е вредност на ЕУ. Бугарското вето е мотивирано исклучиво од национализам и обидите на ГЕРБ да го оттргне вниманието од корупциските афери на партијата и нејзиниот лидер“.
„И Заев грешеше…“
Главашевиќ е член на опозицискиот зелено-лев блок, а пратеничкото прашање го постави како потпретседател на парламентарниот Одбор за ЕУ. Смета дека ЕУ, вклучувајќи ја тука и актуелната хрватска влада, досега не ги валоризирала промените кои С. Македонија успеа да ги спроведе по заминувањето на Груевски. Сепак, наведува дека дел од одговорноста за сегашниот статус-кво сноси и владата во Скопје.
„Мислам дека и Заев грешеше, дека правеше отстапки на места на кои не требаше, но тоа се грешки кои, се надевам, ќе биде можно да се исправат по изборите во Бугарија“.
Врз основа на Деловникот на хрватскиот Сабор, одговорот во писмена форма на поставеното пратеничко прашање Владата требаше да му го достави на Главашевиќ во рок од 30 дена. Но одговорот не стигна во рокот, туку два месеци подоцна- случајно или не- дури откако тој во парламентот остро ја критикуваше ЕУ политиката на хрватската влада- која тврди дека токму во текот на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ- во првото полугодие на 2020, се случило „мало чудо“ по прашањето за проширувањето на ЕУ, односно почетокот на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија.
blob:https://www.facebook.com/4b1ca6cb-c723-4ea4-bc9d-097ae1754460
blob:https://www.facebook.com/4b1ca6cb-c723-4ea4-bc9d-097ae1754460
Главашевиќ тогаш го праша премиерот Пленковиќ „дали Македонија денес ги чувствува позитивните ефекти на тоа наводно мало чудо?“ Односно дали Хрватска на „било кој начин се ангажирала околу обезбедувањето на праведен третман на таа земја-кандидат?“
„Добрите пријатели не ги затвораат очите пред неправдата“
„Што можат да очекуваат земји-кандидати како С. Македонија или Албанија, односно нивните граѓани, на патот кон ЕУ доколку земји-членки, па и оние како Хрватска, молчат при обидите за виткање раце за некоја земја-членка да оствари корист?“, се прашува опозицискиот пратеник. Притоа мисли и на долготрајната словенечка блокада на хрватските пристапни преговори.
Хрватскиот премиер Пленковиќ и самиот веројатно добро се сеќава на тие денови- тој и тогаш беше член на преговарачкиот тим на Хрватска.
„Можеме ли со мирна совест да гледаме како речиси идентично нешто сега и се случува на Македонија и да не правиме ништо? Добрите пријатели не затвораат очи пред неправдата“, му порачува Главашевиќ на шефот на хрватската влада. Дали затворањето очи и молкот во престолнините на ЕУ по бугарското вето е можеби и знак на замор од проширувањето?
„Дел од молкот е секако поврзан со политиката на Европската народна партија (ЕПП) и поддршката која нејзините членки се обидуваат да му ја дадат на Бојко Борисов. Тоа оди на штета на Македонија и тоа треба да се промени“. Хрватското искуство со словенечката блокада, според него, би можело да биде добар пример за Скопје и Софија како се решаваат конфликти конструктивно, и тоа на билатерално ниво, а не во рамките на пристапните преговори.
„Спорот можеби никогаш нема да биде решен де-јуре, но такви нерешени спорови во ЕУ има многу, само повеќе не се извор на политички судири. Значи- решени се де- факто“.
„Решавање на прашањето на македонскиот јазик“
Хрватската влада во одговорот на пратеничкото прашање наведува дека Загреб „силно го поддржува“ патот на С. Македонија во ЕУ, и дека за време на хрватското претседавање со Советот, во првата половина на 2020 имало многу активности околу проширувањето. Владата во Загреб смета дека проблемите треба да се решаваат билатерално, а не во рамки на пристапните преговори- но премиерот не наведува што (и доколку да: како) ќе преземе за отстранување на бугарската блокада? Нејасен е сепак ставот на Владата и по прашањето на македонскиот јазик. Загреб, имено, во писмениот одговор пишува дека „решавањето на прашањето за јазикот“ е важно за договор со ЕУ. Главашевиќ, кој по професија е лингвист, за ДВ вели дека по прашањето на македонскиот јазик нема ништо непознато и нерешено. Во факултетските денови и самиот учел македонски јазик (еден семестар) и има јасен политички и лингвистички став за тој јазик.
Својот став го демонстрираше и со твит на македонски јазик.https://platform.twitter.com/embed/index.html?dnt=false&embedId=twitter-widget-0&frame=false&hideCard=false&hideThread=false&id=1353350510326280195&lang=en&origin=https%3A%2F%2Fwww.dw.com%2Fmk%2F%25D0%25BC%25D0%25B0%25D0%25BA%25D0%25B5%25D0%25B4%25D0%25BE%25D0%25BD%25D0%25B8%25D1%2598%25D0%25B0-%25D0%25B5%25D1%2583-%25D0%25BF%25D1%2580%25D0%25B5%25D0%25B3%25D0%25BE%25D0%25B2%25D0%25BE%25D1%2580%25D0%25B8-%25D0%25B2%25D0%25B5%25D1%2582%25D0%25BE-%25D0%25B1%25D1%2583%25D0%25B3%25D0%25B0%25D1%2580%25D0%25B8%25D1%2598%25D0%25B0-%25D0%25B3%25D0%25BB%25D0%25B0%25D0%25B2%25D0%25B0%25D1%2588%25D0%25B5%25D0%25B2%25D0%25B8%25D1%259C%2Fa-56390990&siteScreenName=dw_macedonian&theme=light&widgetsVersion=ed20a2b%3A1601588405575&width=550px
„Ми се чинеше чесно, кога говориме за Македонија и Македонците, тоа да го правиме и на нивниот јазик. Со тоа покажуваме дека ги прифаќаме и дека навистина ги сакаме во Унијата, дека тие во пристапниот процес се субјект, а не објект. Македонија е земја со која делиме силни историски, културни и други врски. И Хрватска треба да и биде најдобар пријател на нејзиниот европски пат.“
Главашевиќ претпоставува дека владејачкиот ХДЗ со ставот околу македонскиот јазик ја поддржува бугарската позиција врз основа на едноставна политичка мотивација, а не лингвистичка мотивација- ХДЗ и ГЕРБ на бугарскиот премиер Борисов, имено, се дел од истото европско политичко „семејство“- Европската народна партија.